Технолошкиот гигант „Meta Platforms“ повторно работи на сопствен паметен часовник и можно е уредот да биде претставен до крајот на годината, пренесуваат странски технолошки медиуми.
Според информациите на „The Information“, уредот го носи кодното име „Malibu 2“ и би требало да пристигне на пазарот пред очилата за проширена реалност „Phoenix“, чија премиера наводно е поместена за 2027-ма година.
Камбек по пауза од 2022-ра година
Веста повторно го отвора прашањето за амбициите на „Meta“ во сегментот на нослива технологија. Компанијата уште во 2022-ра година размислуваше за сопствен паметен часовник, но тогаш се повлече поради технички предизвици и мерки за кратење на трошоците.
Сега, според најновите информации, проектот повторно е активиран, а уредот би требало да донесе функции за следење на здравјето, како и напредни можности базирани на вештачка интелигенција.
Директна конкуренција со технолошките гиганти
Доколку „Malibu 2“ навистина се појави на пазарот, „Meta“ ќе се вклучи во жестоката конкуренција на пазарот на паметни часовници, каде доминираат компании како „Apple“, „Google“, „Samsung Electronics“, „Garmin“ и „Fitbit“.
Засега од „Meta“ нема официјална потврда за уредот, но доколку плановите се реализираат, компанијата би можела сериозно да го прошири своето хардверско портфолио и да се позиционира поагресивно на пазарот на нослива технологија.



