Годишната инфлација во еврозоната во јануари се намали на 2 проценти, процени европскиот завод за статистика Еуростат кој во петокот ги објави првите проценки.
Со тоа, растот на потрошувачките цени во 17- члената еврозона благо се намали на годишно ниво, со оглед на тоа што во декември минатата година инфлацијата изнесуваше 2,2 проценти.
Падот на стапката на инфлација во најголем дел произлегува од значителното забавување на растот на цените на енергенсите, на 3,9 проценти, од 5,2 проценти, колку што изнесуваше во декември.
Растот на цената на храната, алкохолните пијалоци и тутунските производи изнесува 3,2 проценти на годишно ниво, како и во претходниот месец, покажуваат првите проценки на Еуростат за јануари.
Цените на услугите на годишно ниво се зголемиле за 1,7 проценти, за разлика од 1,8 проценти во декември, додека растот на цените на индустриските производи, без енергенсите, благо е намален, на 0,8 проценти, по растот од 1 процент во декември.
Годишната стапка на инфлација во еврозоната во јануари се движеше блиску до предвидената инфлација од Европската централна банка (ЕЦБ), односно околу два проценти.