Ретро трендот, кој ги зафати модата, музиката и фотографијата во последните години, сега се прелева и на паметните телефони.
Според податоците од компаниите што купуваат и рециклираат уреди, побарувачката за „iPhone 4“, модел претставен пред околу 15 години, неодамна експлодираше.
Статистиката покажува дека бројот на пребарувања на „Google“ за терминот „Купи ‘iPhone 4’“ се зголемил за дури 979% во споредба со претходната година. Овој остар скок е директно поврзан со растечката популарност на ретро фотографијата на социјалните мрежи. На „TikTok“ веќе има повеќе од 350.000 објави со ознаката #digicam, од кои голем број се снимени со „iPhone 4“, додека слична содржина на „Instagram“ надминува 700.000 објави.
Зошто „iPhone 4“ повторно е многу баран?
Експертите истакнуваат дека „iPhone 4“ има неколку специфични карактеристики што го издвојуваат. Тоа беше првиот телефон на „Apple“ со сосема нов индустриски дизајн, со челична рамка, стаклен заден дел и компактен 3,5-инчен екран, што му дава препознатлив изглед и денес. Уште поважен фактор е камерата од само 5 мегапиксели, со ограничен динамички опсег и скромна обработка на слики. Токму овие технички слабости создаваат изразен контраст, видлив шум и зрнеста текстура, што им дава на фотографиите носталгичен, „аналоген“ изглед што е особено привлечен за помладата публика.
Дополнителна причина за неговата популарност е цената. „iPhone 4“ може да се најде на пазарот за половни производи за само 30 до 50 долари, што го прави прифатлив избор за оние кои сакаат „играчка камера“ за експериментирање, без голем финансиски ризик.
Сепак, експертите за безбедност предупредуваат на претпазливост. „iPhone 4“ не добива ажурирања за „iOS“ со години и има сериозни безбедносни недостатоци. Се препорачува уредот да се користи исклучиво за фотографирање, без најавување на сметка на „Apple ID“, без сурфање на интернет, користење банкарски апликации или вметнување SIM картичка. Најбезбедно е да се пренесуваат фотографии исклучиво преку кабел, за да се избегнат сите потенцијални ризици, советува „AI“.



