ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Apple“ го избира „Gemini“ на „Google“ за својот обновен гласовен асистент „Siri“

„Apple“ го избира „Gemini“ на „Google“ за својот обновен гласовен асистент „Siri“

„Apple“ ќе ги користи моделите „Gemini“ на „Google“ за својот обновен гласовен асистент „Siri“, кој треба да биде објавен подоцна оваа година. Договорот е дел од повеќегодишен аранжман што го продлабочува сојузот на технолошките гиганти во ерата на вештачката интелигенција и ја зајакнува позицијата на „Alphabet“ во трката против „OpenAI“.

Договорот, објавен во понеделник, претставува силен сигнал на доверба за „Google“. Технологијата на компанијата веќе го напојува поголемиот дел од „Galaxy AI“ на „Samsung“, но договорот со „Siri“ отвора огромен пазар со инсталирана база на „Apple“ од повеќе од две милијарди активни уреди.

„По внимателна евалуација, ‘Apple’ утврди дека технологијата за вештачка интелигенција на ‘Google’ обезбедува најспособна основа за ‘Apple Foundation Models’“, соопштија од „Google“, додавајќи дека нивните модели ќе ги напојуваат и другите идни функции на „Apple Intelligence“.

„Alphabet“ се натпреваруваше со „OpenAI“ за договорот со „Apple“, а финансиските детали од соработката не беа објавени.

Производителот на „iPhone“ треба да го воведе „ChatGPT“ на своите уреди кон крајот на 2024 година, овозможувајќи му на „Siri“ да ја користи експертизата на чет-ботот за одговори на посложени прашања.

Од „Apple“ соопштија дека во моментов нема значајни промени во интеграцијата на „ChatGPT“, додека од „OpenAI“ не одговорија на барањето на „Reuters“ за коментар.

„Ова изгледа како неразумна концентрација на моќ за ‘Google’, со оглед на тоа што ги поседува и ‘Android’ и ‘Chrome’“, изјави извршниот директор на „Tesla“, Елон Маск, во објава на социјалната мрежа „X“.

Маск ја основаше својата компанија за вештачка интелигенција „xAI“, која има цел да се натпреварува со другите водечки играчи во индустријата преку развој на фундаментални модели и инвестиции од милијарди долари во инфраструктура.

Овој договор повторно ги отвори прашањата околу партнерството меѓу „OpenAI“ и „Apple“. Како одговор на „Gemini 3“, извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, кон крајот на минатата година издаде „црвен код“ за забрзување на развојот.

„Одлуката на ‘Apple’ да ги користи моделите ‘Gemini’ на ‘Google’ за ‘Siri’ му дава на ‘OpenAI’ споредна улога, со ‘ChatGPT’ позициониран за сложени и прилагодени пребарувања, наместо како стандарден слој на вештачка интелигенција“, вели Парт Талсанија, извршен директор на „Equisights Research“.

„Google“ интензивно работи на надминување на раното водство на „OpenAI“, со фокус на напредни модели и алатки за генерирање слики и видеа.

„Apple“ се соочи со серија предизвици на полето на вештачката интелигенција, вклучително и доцнење во развојот, одложување на надградбата на „Siri“, промени во врвниот менаџмент и млак прием на првите генеративни алатки.

Најновиот договор се надоврзува на долгогодишното партнерство што го прави „Google“ стандарден пребарувач на уредите на „Apple“ – договор што носи значителен сообраќај за „Google“, а воедно генерира десетици милијарди долари годишни приходи за „Apple“.

Веста за договорот придонесе пазарната вредност на „Alphabet“ да надмине четири трилиони долари. Акциите на компанијата пораснаа за 65 проценти во изминатата година, поттикнати од оптимизмот на инвеститорите за напредокот во вештачката интелигенција.

„Apple Intelligence ќе продолжи да работи на уредите на ‘Apple’ и преку ‘Private Cloud Compute’, задржувајќи ги водечките стандарди за приватност во индустријата“, соопштија од „Google“, обидувајќи се да ги намалат загриженостите околу заштитата на податоците.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП