Речиси една милијарда „Android“ телефони ширум светот се изложени на зголемен ризик од сајбер напади, бидејќи повеќе не добиваат безбедносни ажурирања.
Според податоците на аналитичката компанија „StatCounter“, повеќе од 30 проценти од корисниците на „Android“ сè уште користат уреди со „Android 13“ или постара верзија, објавува „BFM“.
Иако „Google“ сè уште обезбедува безбедносни ажурирања за „Android 13“, поддршката за постарите верзии е прекината. Така, на пример, „Android 12“ остана без безбедносни ажурирања уште во април минатата година.
Експертите предупредуваат дека телефоните кои повеќе не добиваат ажурирања стануваат „лесни мети за хакерите“, бидејќи не содржат закрпи за веќе познати безбедносни ранливости.
Најновото безбедносно ажурирање за „Android“, според достапните податоци, коригира повеќе од 100 безбедносни слабости, што јасно укажува на обемот на потенцијалните закани.
Иако користењето на уредот подолг временски период носи финансиски и еколошки придобивки, постарите телефони претставуваат значително поголем ризик за личните податоци на корисниците, вклучително лозинки и други чувствителни информации.
Извештај на „Zimperium“ покажува дека повеќе од половина од паметните телефони кои се во употреба – и „Android“ и „iOS“ – користат застарени верзии на оперативниот систем, што ги прави подложни на сајбер напади.
Производителите во последниве години ги продолжија периодите за софтверска поддршка. „Google“ и „Samsung“ нудат до седум години големи и безбедносни ажурирања, додека „Apple“ продолжува да обезбедува безбедносни ажурирања за модели како „iPhone XS“, „XS Max“ и „XR“, претставени во 2018-та година, иако официјално не објавува рокови за поддршка.
Експертите им препорачуваат на корисниците да размислат за замена на уредот доколку нивниот телефон повеќе не добива безбедносни ажурирања, дури и ако на прв поглед функционира без проблеми.



