Во лабораторија со висок степен на безбедност во Шенжен, кинеските научници изградија она што САД се обидуваа да го спречат со години. Прототип машина способна да произведува најсовремени полупроводнички чипови што напојуваат вештачка интелигенција, паметни телефони и модерни воени системи, дознава Ројтерс.
Прототипот е завршен на почетокот на 2025 година и моментално е во фаза на тестирање. Машината го зафаќа речиси целиот производствен погон и е развиена од група поранешни инженери од холандскиот ASML, кои, според извори запознаени со проектот, направиле машини за екстремна ултравиолетова литографија со обратен инженеринг, познати како EUV системи.
EUV машините се во срцето на модерната технолошка конкуренција помеѓу Кина и Западот. Тие користат екстремна ултравиолетова светлина за гравирање кола на силиконски плочки илјадници пати потенки од човечка коса. Колку се помали колата, толку се помоќни чиповите.
Според извори на Ројтерс, кинескиот прототип успешно произвел екстремна ултравиолетова светлина, но сè уште не произвел функционални чипови. Сепак, самото постоење на оваа машина укажува дека Кина е многу поблиску до технолошка независност отколку што аналитичарите претходно проценуваа.
Во април, извршниот директор на ASML, Кристоф Фуке, изјави дека на Кина ќе ѝ бидат потребни „многу, многу години“ за да развие ваков вид технологија. Ројтерс објави дека новиот прототип сугерира дека временската рамка би можела да биде значително пократка.
Целта на државата се функционални чипови, но рокот се поместува.
Според извори, кинеската влада поставила цел за производство на функционални чипови до 2028 година, но луѓето блиски до проектот веруваат дека 2030 година е пореален рок. И тоа е сепак значително порано од деценијата што претходно се проценуваше дека ќе ѝ биде потребна на Кина за да го стигне Западот.
Кинеските власти не одговорија на прашањата од Ројтерс.
Проектот е кулминација на шестгодишна државна иницијатива за постигнување самоодржливост во производството на чипови, еден од клучните приоритети на претседателот Си Џинпинг. Иако политичките цели на Кина во оваа област се јавни, проектот за машината EUV во Шенжен е спроведен во строга тајност.
Проектот е дел од поширока државна стратегија во секторот за полупроводници, која според кинеските државни медиуми ја води Динг Сиесианг, близок соработник на претседателот Си и раководител на Централната комисија за наука и технологија.
Huawei игра клучна улога во координирањето на мрежа од компании и владини истражувачки институти низ цела Кина, во која учествуваат илјадници инженери. Изворите го опишуваат потфатот како кинеска верзија на американскиот проект Менхетен, програмата за развој на атомска бомба од времето на војната.
Целта е Кина во иднина да произведува најнапредни чипови исклучиво на машини произведени дома и целосно да ја елиминира зависноста од американските и западните синџири на снабдување.
Huawei, Државниот совет на Кина, Министерството за индустрија и информатичка технологија на Кина и кинеската амбасада во Вашингтон не одговорија на барањата за коментар.
Досега, само една компанија во светот ја совладала EUV технологијата. Зборуваме за ASML од Холандија, чии машини чинат околу 250 милиони долари и се неопходни за производство на најнапредните чипови дизајнирани од Nvidia и AMD, а произведени од TSMC, Intel и Samsung.
ASML го разви првиот функционален прототип на EUV во 2001 година, но дури по речиси две децении и милијарди евра инвестиции, започна со комерцијално производство на чипови во 2019 година.
Компанијата за Ројтерс изјави дека ја разбираат желбата на другите да ја реплицираат нивната технологија, но дека тоа е исклучително сложен и долготрајно процес.
Од 2018 година, Соединетите Држави вршат притисок врз Холандија да го забрани извозот на EUV машини во Кина. Овие мерки беа дополнително заострени во 2022 година, кога администрацијата на Џо Бајден воведе сеопфатни контроли на извозот за да ѝ се одземе пристапот на Кина до напредна полупроводничка технологија.
ASML наведува дека никогаш не се продадени EUV машини на кинески клиенти.
Ограничувањата вклучуваа и постари DUV литографски машини, со цел Кина да остане барем една технолошка генерација зад Западот.
Стејт департментот на САД соопшти дека администрацијата на Доналд Трамп дополнително го зајакнала спроведувањето на контролите на извозот и работи со сојузниците за затворање на регулаторните дупки како што напредува технологијата.
Според извори на Ројтерс, на некои од поранешните инженери на ASML кои биле регрутирани за кинескиот проект им биле дадени лични карти со лажни имиња и работеле под псевдоними за да го сокријат својот идентитет дури и во самиот комплекс.
Тимот е составен претежно од пензионирани или поранешни кинески државјани вработени во ASML, кои поседуваат длабинско познавање на технологијата и имаат помалку професионални ограничувања по напуштањето на компанијата.
Во 2019 година, ASML доби пресуда од 845 милиони долари против поранешен кинески инженер обвинет за кражба на трговски тајни, но тој прогласи банкрот и продолжи да работи во Пекинг со поддршка на кинеската држава.
EUV машините на ASML се со големина на училишен автобус и тежат околу 180 тони. Кинескиот прототип, откако не успеа да ја реплицира оригиналната големина, беше направен значително поголем за да се зголеми моќноста на системот.
Иако во споредба со решенијата на ASML е суров и технички инфериорен, прототипот е доволно функционален за тестирање.
Најголемиот проблем е недостатокот на екстремно прецизни оптички системи како оние што ги произведува германскиот Carl Zeiss, еден од клучните добавувачи на ASML.
Иако проектот формално е контролиран од државата, Huawei е вклучен во сите фази од синџирот на вредност, од дизајнот на чипови и опрема до производството и вградувањето во крајни производи како што се паметните телефони.
Според изворите, вработените на чувствителни проекти често спијат во истражувачки центри, со ограничен пристап до телефони и без можност да си одат дома во текот на работната недела.
Тимовите се строго изолирани едни од други за да се чува проектот во тајност, а повеќето од вработените во компанијата немаат увид во неговиот целосен опсег.



