20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоддршка за отворање на нови 2.000 работни места

Поддршка за отворање на нови 2.000 работни места

vlada1

Владата ќе поддржи отворање 2.000 работни места во компаниите со финансиска поддршка во износ од милион евра преку низа програми со обуки невработени лица, информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На последната седница на Владата се усвоени пет мерки, со кои ќе се  стимулира вработувањето, со конкретни програми кои опфаќаат обука кај познат работодавач, обука кај познат работодавач со субвенционирање, обука за професии што се дефицитарни, како и програма за поддршка на практиканство, како прво работно искуство до вработување и за обука за напредни вештини од областа на информациските технологии.

Календарот на огласи за новите мерки ќе бидат објавени в понеделник на веб-страниците на Агенцијата за вработување и на Владата за да можат невработените лица и работодавачите да аплицираат за добивање на финансиите.

Според Ѓорѓиев, сите нови мерки веќе биле доставени на разгледување во Антикорупциската комисија за оценка на почитувањето на Законот и е добиен позитивен одговор.

Со програмата Обука кај познат работодавач, наведе Ѓорѓиев, ќе бидат опфатени 850 лица на возраст од 25 години до 49 години, со финансиска поддршка од 19 милиони денари. Приоритет ќе имаат лицата со основно и средно образование. Во тек на предвидените тримесечни обуки, ќе добиваат  по 5.700 денари месечно. На работодавачот за време на обуката ќе му се исплаќаат финансии за менторство и материјални трошоци во износ од 4.000 денари до 25.000 денари зависно од бројот на лицата што ќе ги вклучи во обуките. Тој ќе биде обврзан да вработи најмалку 50 проценти од лицата што ќе ги вклучи во обуката и да ги задржи на работа најмалку половина година.

За обуката кај познат работодавач со субвенционирање Владата одвои 9 милиони денари за отворање 250 работни места, за лица кои тешко доаѓаат до работа, на возраст од 50 до 59 години, млади до 29 години со најмногу средно обарзование, лица од помали етнички заедници со посебен осврт на Ромите, корисници на социјална помош. Нивната подготовка за вработување ќе трае три месеци и месечно ќе добиваат по 5.700 денари. Работодавачот треба да вработи најмалку половина од вкупниот број што ќе го обучува. По завршување на обуката за вработените лица ќе се обезбеди субвенција преку финансиска поддршка за секое вработено лице во бруто плата во износ од 13 милиони денари месечно во период од три месеци. Ќе има обврска  да ги задржи на работа во наредните 12 месеци по истекот на период за субвенции и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од една година.

Владиниот портпарол  појасни дека Владата ќе стимулира вработување на 250 лица со 14 милиони денари преку обуки за занимања за кои има побарувачка на пазарот на трудот, во траење од два до три месеци. Месечно од државата ќе добиваат надомест од по 6.200 денари, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

– По завршување на обуката  тие ќе имаат сериозни шанси  да бидат вработени во странските компании кои отвораат свои капацитети во Македонија. Според анализите,  овде пред се станува збор за професиите  од електротехниката, енергетиката, производствената индустрија, рече Ѓорѓиев.

Со програмата за практиканство, пак, се опфатени 250 лица и се предвидени околу 5 милиони денари финансиска поддршка. Се планира да бидат опфатени млади невработени лица до 29 години, а приоритет ќе имаат лица со завршен четврти степен средно образование и високо образование, преку нивно вклучување во програми за практиканство за период од три месеци. За спроведување на оваа програма, ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Право на учество имаат работодавачи кои имаат вработено најмалку едно лице. По завршување на практичната работа, работодавачот има обврска да вработи најмалку 30 проценти од вкупно ангажираниот број лица за практична работа и да ги задржи на работа во наредните 6 месеци.

За обуките за надградба на вештините од областа на информациските технологии на невработените лица, соопшти портпаролот на Владата, се предвидени околу 4 милиони денари со цел отворање 500 нови работни места.  Тие обуки ќе траат четири месеци, а ќе се реализираат во Скопје и во други градови, зависно од обезбедените услови за обука и пројавениот интерес на невработените кандидати за учество во таа мерка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП