ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕЦрна Гора е македонска летна класика - ова се омилените места за...

Црна Гора е македонска летна класика – ова се омилените места за одмор

Во Будва повеќе се слуша македонски отколку црногорски. Низ тесните улички на Стариот град лесно ќе налетате на разговори за „кафе без шеќер“ или пак на група туристи што бараат пекарница што работи до доцна.

Македонските туристи, кои години наназад ја избираат Црна Гора како летна база, годинава ја надминаа и најоптимистичната проекција на туристичките агенции.

„Имаме двојно повеќе резервации од Македонија ова лето. И не се тоа само фамилии – има и млади, и парови, и пензионери…“, вели за нашата редакција Сандра Кнежевиќ, сопственичка на мал апартмански комплекс во Тиват. „Се шегуваме со колегите – ќе треба да учиме македонски, инаку нема да можеме да работиме“.

Што ги привлекува Македонците во Црна Гора?

„Море чисто како солза, нема гужви како во Грција, а и цените, ајде да не се лажеме, пониски се“, објаснува Љупчо, татко на две деца од Велес, кој веќе трета година по ред одморот го минува во Херцег Нови. „И не морам да мислам дали ќе најдам место за паркирање – тука сè е на ниво“.

Македонските туристи, кои традиционално беа „заглавени“ меѓу Паралија и Аспровалта, сега сѐ почесто ја бараат Црна Гора како освежување.

Причините? Освен природната убавина и црногорското „полека, брате“ темпо, голем дел од нив спомнуваат една едноставна причина: не им треба пасош.

„Сè си оди глатко. Поминуваш граница со лична карта, те поздравуваат со ‘добро дошао’, и – ете те, за три саати си на плажа“, раскажува Снеже, наставничка од Куманово.

Будва и Тиват – класици што не излегуваат од мода

Агенциите велат дека најголем број од резервациите се токму во Будва и Тиват. Првата – позната по ноќниот живот и бескрајните плажи; втората – за оние што бараат мир, луксуз и семеен амбиент.

„Будва е како Скопје на море. Секој втор човек го познаваш, дури и кога не го познаваш“, вели низ смеа Марио, турист од Аеродром, додека го пие третото ладно пиво во еден од баровите покрај морето.

Во Тиват, пак, приказната е поинаква. Порто Монтенегро, јахти поголеми од стан во Центар, ресторани со поглед што би го оставил и Инстаграм без зборови. Но, и таму – македонскиот јазик е на секој агол.

И скриени бисери – Перест, Добра Вода, и уште неколку…

Покрај познатите локации, македонските туристи полека го откриваат и потивкото лице на Црна Гора. Малите рибарски селца како Перест или модерните апартмани во Добра Вода, сè почесто се резервираат од семејства кои сакаат мир – без музика на максимум, без чад од скара и без „комшија на балкон“.

„Лани бев во Сутоморе. Убаво беше, ама гужва како на Шарена револуција“, се шегува Александар од Штип. „Оваа година откривме еден мал хотел во Петровац. Три минути до плажа, сопственици што ти носат ракија на балкон…“.

Цените? Пријателски, ама… со цени за „гости“.

Иако повеќето велат дека Црна Гора е поевтина од другите дестинации, има и исклучоци. Во Тиват, едно кафе на шеталиште може да чини и до 4 евра. Во Будва – чоколадна палачинка 6 евра. Но, ако знаеш каде да одиш…

„Ние со друштвото одиме во ресторани што не се на прва линија – кај локалците. Таму добиваш вистинска храна, без туристичка цена“, вели Валентина од Битола, која веќе има мапа со „локални“ места што ги споделува на пријателите.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП