ПочетнаЕКОНОМИЈАГранапчињата заминуваат во историјата

Гранапчињата заминуваат во историјата

Некогаш гранапчињата беа место за муабет, доверба и „купување на вересија“, а денес се празни и со катанец на вратата.

Во срцето на секое маало, меѓу улицата и спомените, некогаш беа гранапчињата, односно малите продавници каде што продавачката знаеше кој не е многу захтевен, кој сака „на парче“, а кој секогаш бара „на запишување“. Денес, сè почесто гледаме празни излози од дуќани, затворени врати и табли со натпис „се издава“.

Според податоците од терен, секој месец згаснуваат десетици мали трговски објекти, кој не можат да се справат со притисокот од големите ланци на маркети кои нудат акции, попусти и купони, нешто што малите продавници не можат да си го дозволат. Конкуренцијата станува нелојална, а пазарот се централизира.

„Мојот татко го отвори гранапчето пред 40 години. Сè помалку луѓе влегуваат. Сега сите одат во маркет каде купуваат леб, телевизор и играчки, бидејќи има сè на едно место“, ни вели сопственик на продавница од една скопска населба.

Освен економската битка, исчезнува и социјалниот момент, поточно гранапот како мал центар на заедницата. Старите маалски ритуали се губат, а младите генерации не знаат што значи да позајмиш килограм шеќер без да ги соблечеш пижамите.

Дали ќе остане простор за малите во време на големите? Дали државата треба да најде начин да ги поддржи семејните бизниси кои со години биле столб на секое маало?

Можеби е време да се запрашаме, колку чинат попустите ако ги губиме луѓето зад тезгата?

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП