Од 2021-ва до 2024-та година, „Google“ тивко ја изгради најголемата мрежа за откривање земјотреси на планетата, користејќи податоци од повеќе од две милијарди „Android“ телефони низ целиот свет.
Наместо скапи сеизмографи, „Android Earthquake Alerts“ се потпира на вградените сензори за движење во телефоните на корисниците кои не ја исклучиле оваа опција. Благодарение на ова, системот ги идентификувал епицентрите и магнитудите на над 11.000 земјотреси, во дури 98 земји.
Она што го издвојува не е точноста на еден уред, туку огромната количина на податоци од различни локации. Алгоритмите анализираат како се однесуваат телефоните за време на потреси, земајќи ја предвид локалната геологија, градежните материјали и разликите меѓу моделите. Кога повеќе уреди во истата област регистрираат ист модел на движење – системот препознава земјотрес.
Успех, но и ограничувања – особено со силни земјотреси
Иако се покажа како корисна алатка, системот сè уште има слабости. За време на катастрофалните земјотреси во Турција во 2023-та година, мрежата „Android“ испрати 4,5 милиони предупредувања, но тие беа поблаги отколку што бараше ситуацијата. Подоцнежната анализа, со подобрени алгоритми, откри дека посериозните предупредувања би можеле да достигнат дури 10 милиони уреди.
„Google“ сега јавно ги објавува резултатите од својот систем, за првпат во труд објавен во списанието „Science“. Иако го истакнува потенцијалот за подобрување на јавната безбедност, постојат загрижености во врска со транспарентноста. Алгоритмите се со затворен код, а податоците доаѓаат од личните уреди на корисниците, што ја отежнува независната верификација.
Експерти како Харолд Тобин од Универзитетот во Вашингтон и Ален Хаскер од „Caltech“ го поздравуваат концептот, но го повикуваат „Google“ да ѝ даде пристап на научната заедница до системот. Бидејќи ако телефоните веќе дејствуваат како сеизмографи, јавноста треба да знае како и кога да им верува.



