Додека многу корисници сè уште се мачат од предупредувањата за бришење сметки на „Gmail“ и „Google Maps“, „Facebook“ сега е во центарот на нова чистка.
Во првите шест месеци од 2025-та година, „Meta“ избриша дури 10 милиони сметки, од кои сите тврди дека биле за имитирање и спам активност. Но, сè повеќе корисници тврдат дека биле погодени без причина.
На 14-ти јули, „Facebook“ објави дека сака да ги „награди оригиналните креатори, а не имитаторите“, објаснувајќи дека целта е да ја исчисти платформата од лажни профили кои се претставуваат како познати автори, како и од оние кои користат лажни коментари и активности за вештачко зголемување на популарноста.
Сепак, бројките се огромни: 10 милиони избришани профили, со дополнителни 500.000 со забрани за заработка, намален досег и отстранети коментари.
По објавата, социјалните мрежи беа исполнети со сведоштва од корисници кои тврдат дека ги изгубиле своите сметки – и тоа целосно без основа. Терминот „Meta ban wave“ се појави на „Reddit“, „TikTok“ и мрежата „X“, со тврдења дека вештачката интелигенција погрешно ги означува вистинските сметки како прекршители. „Meta“ потврди дека користи вештачка интелигенција во евалуацијата на содржината, но нагласи дека нема докази за масовни грешки, освен за технички проблем поврзан со одредени групи на „Facebook“.
Доколку вашата сметка е навистина суспендирана или избришана, „Facebook“ ви овозможува да поднесете жалба во рок од 180 дена. Платформата наведува дека корисниците добиваат известување преку е-пошта, како и порака кога се обидуваат да се најават. Сепак, постојат и ситуации кога сметката се брише веднаш без предупредување, во случај на сериозни или итни прекршувања на правилата.
Масовното бришење на сметки, исто така, доведе до појава на нова измама. Корисниците кои јавно бараат помош за изгубени сметки честопати стануваат мета на ботови и измамници кои се претставуваат како „обновувачи“ и нудат услуги за обновување на профили. Нивниот метод е секогаш ист: тие бараат пристап до податоци, нудат сомнителни апликации или бараат плаќање.
„Meta“ ги предупредува корисниците да не кликаат на линкови во сомнителни пораки, туку да ги проверат оригиналните пораки во поставките на сметката на „Facebook“. Преземањето апликации што „помагаат“ во враќањето на профилот речиси секогаш значи – измама.



