Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на пуштање на дел од патот Кичево-Охрид и динамиката на работа на другите автопати, изјави:
„Што се однесува до динамиката на изградба на автопатот кој што е дел од Коридорот 8, а го поврзува Кичево со Охрид, можам да кажам дека пред 8 месеци отприлика, состојбата беше до никаде. Се работеше во 3 смени, се работеше жестоко, се работеше посветено и резултатот од таа посветена работа се овие први 17, иако делницата е 20 километри. Но оној делот кај што се скршнува накај Пресека, до тунелите, не е пуштен во употреба, бидејќи таа делница од Врбјани до Кичево е исто така во должина од 17 километри, дополнително треба да се заврши, бидејќи има 10 свлечишта коишто за жал, останале заборавени и сега се направени проекти и тие треба да се стабилизираат. Дел од петте километри од месноста кај селото Ботун исто така има 6 свлечишта, тие се можеби поголеми и попредизвикувачки. Проектите веќе се готови, очекувам во август месец да отпочне нивната реализација. За сето ова, за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот, бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото.“

