Во Македонија денес да испланираш свадба веќе не е само љубовна приказна, туку и вистински финансиски предизвик.
Последниве месеци, цените во свадбените ресторани одат нагоре како одврзан балон на хелиум, а сопствениците не кријат дека „евтината свадба“ полека станува бајка.
Ако до вчера можеше да најдеш солидно мени за 20-25 евра, денес тоа е речиси научна фантастика.
Љупчо Ристов кој со години управува со познат ресторан во Скопје, вели дека бројките едноставно не дозволуваат да биде поевтино.
„Честопати младенците доаѓаат со желба за луксуз, ама со буџет кој едвај покрива скара и салата. Под 30 евра? Тешко. Само храната некако ќе ја вклопиме, ама струјата, луѓето, украсите – тоа не расте на дрво“, вели нашиот соговорник.
Сметките не простуваат. Храната поскапела за добри 30%, струјата и редовното одржување ги удриле дури двојно повеќе. А да се води ресторан денес е исто како да водиш мала фабрика. Сè си има цена. И тоа висока.
„Па не е само што ќе јадат гостите. Во тие 30 евра влегува и тоа што ќе имаат салати, украсени маси, келнери што ќе трчаат цела вечер, пијачка која никогаш не смее да се пресуши. Луѓето често не размислуваат за тие работи,“ додава Ристов.
А има и ситуации за во анегдоти. Невеста ќе посака венче со свежо цвеќе на секоја маса, младоженецот ќе инсистира на риба и бифтек во исто мени, па потоа ќе прашаат дали може сето тоа за 25 евра.
„Фативме последен воз“
Дарко Спасовски од Скопје неодамна ја правеше својата свадба во ресторан во Скопје.
Кога резервирале, објаснува тој, менито било 28 евра. И биле среќни, мислејќи дека го погодиле моментот.
„Имавме предјадење, мешано месо со гарнир, салати, пијалаци колку сакаш. Тортата ни ја наплатија посебно, ама и тоа е ок. Ама кога отидовме да ги завршиме договорите, газдата ни рече – ‘Вие фативте последен воз. Од следната недела е 30 евра, а за викенди ќе оди и повеќе.’ И така и испадна. За пријатели што сакаа да прават свадба летово – веќе им побарале 32 евра,“ вели Дарко.
Ако на тоа додадеш дека само разлика од два евра по гостин на 200 луѓе значи уште 400 евра — станува јасно зошто младите парови прават ментална математика и не спијат навечер.
„Епа, кога веќе си на раб на кредит за фотограф, бенд, подароци за кумовите… секој денар боли. А сепак, сакаш гостите да бидат задоволни, да не излезе како евтина свадба“, вели Дарко.
Инфлацијата — тој стар „пријател“
Според угостителските асоцијации, ова качување на цените не е никаков каприц. Тие велат дека и тие се жртви на пазарот, а не режисери.
„Гостите очекуваат спектакл, младенците очекуваат попуст. А ние, нели, треба да бидеме илузионисти? Не оди тоа така“, велат угостителите.
Експертите предупредуваат дека ваквото темпо нема набргу да престане. Цените на храната, струјата, украсите и сите тие мали, невидливи работи кои ја прават свадбата „свадба“, продолжуваат да растат. Така, угостителите се само преносници на сметката.
Што всушност добиваш за тие 30 евра?
Вообичаено, тоа подразбира ладно и топло предјадење, главно јадење со мешано месо и гарнир, салати на маса, неограничени безалкохолни пијалаци, украсени маси, услуга од келнери цела вечер.
А музиката, фотографот, видеото, балоните, фонтаните со чоколадо и специјалните ефекти? Тоа најчесто си оди посебно.
Б.З.М.