Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и американскиот секретар за трговија, Хауард Латник, објавија дека спроведувањето на новите царински тарифи е одложено до 1 август, пренесува Гардијан.
Трамп рече дека неговата администрација планира денес да почне да испраќа писма до американските трговски партнери со кои ќе ги потврди новите тарифи.
„Може да има 12, можеби 15 писма. Веќе постигнавме некои договори“, им рече Трамп на новинарите.
Со претходно најавената 90-дневна пауза на царините што требаше да заврши на 9 јули, претседателот беше прашан дали новите стапки ќе стапат на сила оваа недела или на 1 август, како што предложија некои функционери.
„Мислам дека ќе завршиме со повеќето земји до 9 јули, да. Или со писмо или со договор“, рече Трамп, но не беше доволно јасен во својата изјава, според „Гардијан“.
Сакајќи да спречи забуна, се вклучи и американскиот министер за трговија Хауард Латник, додавајќи: „Тарифите стапуваат на сила на 1 август, но претседателот моментално ги одредува стапките и договорите“.
Во април, Трамп објави основна царинска стапка од 10 проценти за повеќето земји и дополнителни царини што достигнуваат до 50 проценти. Подоцна тој го одложи стапувањето во сила на новите тарифи за сите земји освен за оние со стапка од 10 проценти до 9 јули.