4 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСам свој мајстор? Еве колку се заштедува!

Сам свој мајстор? Еве колку се заштедува!

Сѐ повеќе луѓе веќе не чекаат мајстор — си го земаат чеканот сами. Наместо да даваат по 800 евра за секој квадрат, решаваат самостојно да си изградат дом. И тоа со сопствени раце, со упорност и со малку повеќе „гуглање“ отколку што би сакале да признаат.

Љупчо од Волково, 53-годишен машински техничар, е еден од тие што се фатија за работа. Не чекаше да му дојде помош од небото, ниту пак да наследи готов имот во Маврово. Имаше парцела во Кучково и идеја што прво звучела лудо: да се впушти во градежништво без да е градежник.

„Не знаев ништо. Јутјуб ми беше архитект и мајстор, татко ми беше партнер, а жената – најголема поддршка. Грешев, поправав, пак грешев… и после две години имавме куќа од 60 квадрати со чисти ѕидови и греди што мирисаат на дрво“, ни раскажа Љупчо.

Целиот проект излегол околу 26.000 евра — тука влегуваат материјалите, алатот, бетон, покрив и сите тие основни инсталации без кои куќата не е куќа. Да плаќале мајстори?

„Па ќе испаднеше над 60.000 евра. Вака знам каде ми е секој кабел и секоја цевка, а тоа нема цена“, додава нашиот соговорник.

Архитектите и тие што се занимаваат со „направи сам“ проекти тврдат дека со ваков пристап можеш да заштедиш од 40 до дури 60 проценти — секако ако парцелата е твоја. Најмногу се скратува на работната рака. Во Македонија, само за гипс и фасада лесно може да ти наплатат и по 300 евра квадрат.

Не е ова приказна само за мажи со шрафцигер. Мирјана од Валандово, на пример, решила да ја освежи старата куќа што ја добила од родителите.

„Прво мислев само вар да фрлам по ѕидовите“, ни раскажува со смеа. „Ама кога видов дека цевките рѓосале, прозорите веќе не држат… полека-полека се фатив и денес куќата ми е целосно нова. Дури соларен панел си ставив, со еден локален електричар“, појаснува Мирјана.

Таа искрено признава дека било потешко отколку што можела да замисли. И физички, и психички.

„Ама кога ќе легнеш навечер и знаеш дека ова е твоја работа – сам си го направил, никој не може да ти го земе. Тоа е богатство“.

Да бидеме искрени – оваа авантура не е за секого. Има многу места каде можеш да згрешиш: од погрешно ниво на темели, до катастрофална изолација.

„Најважната лекција ми беше никогаш да не штедам на темели и на хидроизолација“, вели Љупчо. „Сè друго може после да се крпи, тоа не“.

Интересно е што сѐ повеќе млади двојки низ внатрешноста одат по овој пат. Интеренетот денес е полн со видеа, цртежи, форуми и луѓе што со задоволство ќе ти кажат како да избегнеш нивна грешка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар