3 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМикро-изнајмувањето е нов тренд во светот, па и во Македонија

Микро-изнајмувањето е нов тренд во светот, па и во Македонија

Сте размислувале некогаш да изнајмите дел од вашиот стан? На пример, вие да ја задржите дневната соба и спалната, а некој непознат кираџија да ја присвои детската соба?

Ако не сте размислувале, тогаш време е да почнете да размислувате, бидејќи кон тој правец се движат светските трендови.

Веќе не мора да имате вишок стан за да го издавате и да заработувате од кирија, туку доволно е да имате еден стан или куќа, но и доволно трпение и љубезност за да дозволите низ дома да ви се „врткаат“ странци, да ви се бањаат во истата када, да готват на истата печка, да минуваат низ истиот ходник…

„Одлучив да изнајмам една од собите откако ми се зголемија ратите за кредит“, вели Елена Д. од Аеродром. „Но не сакав да ми дојде некој што ќе ми ја наруши приватноста. Затоа, го поставив јасно правилото: собата е твоја, но кујната и дневната остануваат под моја надлежност“.

Ваквиот тип на „микро-изнајмување“ станува тренд во урбаните средини, особено кај луѓето што имаат мал стан, но и уште помала потреба од вишок простор.

Најчесто се изнајмуваат соби на студенти, вработени од други градови или на странци кои доаѓаат на краткорочна работа.
Согласно македонските закони, секој приход од издавање на имот подлежи на оданочување.

Даночните советници со коишто разговаравме велат дека многу е важно да се пријави приходот од изнајмување, дури и доколку станува збор за една соба.

Исто така, посочуваат тие, ако станарот престојува повеќе од 30 дена, тогаш треба да склучи договор кој ќе го штити и изнајмувачот и станарот.

„Имав три станари за последниве две години и со сите пијам кафе и денес“, раскажува Илија М., пензионер од Кисела Вода. „Клучот е во тоа да не се однесуваш како газда, туку како добар домаќин. Кога ќе имаат проблем, ќе те почитуваат ако си бил човек, а не само издавач“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар