Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија денес објави дека новата Одлука за висината на посебните такси за користење на јавни патишта, односно патарините, ќе се применува од 4 јули.
Во соопштението се наведува дека, во согласност со редовните годишни активности, износите на таксите во динари се прилагодени со годишниот индекс на потрошувачки цени и зголемувањето на малопродажните цени, но без да се прецизираат новите износи на патарините.
Патарините во Србија ги собира Јавното претпријатие „Патишта на Србија“, а вкупната должина на автопатите со наплата на патарина е 905,2 километри.
Наплатата на патарината се врши преку автоматски технички систем за наплата кој се состои од 72 наплатни станици.
Основата за патарината е должината на патот што го поминува возилото, изразена во километри, а цената на патарината се одредува во однос на три критериуми – цената на патарината по километар, категоријата на возилото и должината на поминатото растојание.
Системот за наплата на патарина се применува на автопатските делници: Белград-Шабац-Шид, Белград-Суботица, Белград-Врњачка Бања-Прешево-Димитровград и Белград-Пожега.