19 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата има план – во јули ќе си легнат цените на брашното

Државата има план – во јули ќе си легнат цените на брашното

Од почетокот на наредниот месец, Владата би можела повторно да интервенира со мерки за стабилизирање на цените на основните прехранбени производи, но конечната одлука ќе зависи од резултатите на извештајот кој го подготвува Државниот пазарен инспекторат.

Ова го потврдуваат извори од Министерството за економија, според кои се очекува анализата да покаже дали и во јуни продолжила тенденцијата на раст на цените кај основните артикли како леб, масло, брашно, млеко и јајца.

„Ако има зголемување, ќе мора да реагираме. Но, овојпат ќе бидеме повнимателни. Засега не е дефинирано какви мерки ќе се преземат – дали ќе се оди со ново ограничување на маржите или ќе се воведат алтернативни, пофлексибилни модели“, брифира висок извор од ресорното министерство за нашиот медиум.

Дополнителен притисок врз цените, според економистите, доаѓа од геополитичките тензии на Блискиот Исток.

Конфликтот меѓу Иран и Израел, кој сè уште се развива, веќе има влијание врз цените на нафтата на глобалните пазари. Тоа, пак, носи ризик за нов инфлаторен бран, особено во економии како македонската, кои се високо зависни од увоз на енергенси и храна.

„Цените на горивата се основа за калкулација на многу други производи. Ако таму има зголемување, тоа веднаш се одразува и на транспортните трошоци, а оттука и на крајната цена на храната. Ако конфликтот ескалира, веројатноста за нов ценовен удар е многу реална“, објаснуваат експертите.

Како што велат, Владата мора да се оддалечи од класичниот модел на директни интервенции, како што беа замрзнувањето на цени или ограничување на трговските маржи, бидејќи тоа создава краткорочен ефект, но долгорочно ги нарушува пазарните односи.

„Наместо тоа, потребно е да се стимулира домашното производство, да се помогнат малите земјоделци, да се субвенционира енергијата што ја користат производителите на храна. Тоа се индиректни мерки што носат поголема стабилност“, порачуваат познавачите.

И трговците предупредуваат дека секоја мерка што се носи мора да биде внимателно таргетирана.

„Маржите не се проблемот, туку набавните цени. Ако не се уреди синџирот на снабдување и се продолжи со административни решенија, ризикуваме да ги изгубиме домашните производители и малите продавници“, вели Бојан Ангелов, сопственик на малопродажен ланец во внатрешноста на земјата.

Граѓаните, пак, се уморни од веста за нови поскапувања.

„Платите ни стојат, а сѐ е поскапо. Ако државата не реагира на време, ќе се соочиме со уште поголем одлив на млади“, вели Наташа Николовска, мајка на три деца од Битола.

Сите очи сега се вперени во извештајот од Пазарниот инспекторат, кој треба да ги покаже вистинските бројки.

Од таму најавуваат дека анализата е при крај и дека наскоро ќе биде доставена до Министерството за економија.

Сè додека не се објави, останува неизвесно каков ќе биде пристапот на Владата кон новата инфлаторна закана. Но јасно е – пасивноста не е опција.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар