Во среда, американската централна банка – Федералните резерви(ФЕД) ја задржаа клучната каматна стапка на ниво од 4,25 до 4,50 проценти, каде што е од јануари.
Оваа одлука е донесена во време кога претставниците на ФЕД продолжуваат внимателно да ги следат последиците од главните политички потези на американскиот претседател Доналд Трамп и растечките тензии на Блискиот Исток.
Економистите очекуваат непредвидливата трговска војна на Трамп да ги зголеми цените, а потоа и невработеноста. Досега, американските царини предизвикаа нагло зголемување на увозот во САД, што негативно влијаеше врз економскиот раст. Сепак, инфлацијата остана под контрола, а пазарот на трудот сè уште изгледа стабилен, објавува CNN.
Сепак, Федералните резерви предвидуваат дека тоа нема да трае. Новите економски проекции покажуваат дека официјалните лица сега очекуваат поголем пораст на невработеноста и побрз раст на цените отколку што проценија во март.
Иако членовите на ФЕД во просек сè уште се согласуваат дека веројатно е да има две намалувања на каматните стапки оваа година, седум функционери сега сметаат дека воопшто нема да има намалување, во споредба со само четири во март.
Кога има намалување, тоа најверојатно ќе биде резултат на зголемената невработеност – таканареченото „намалување поради лоши вести“. Економистите предупредуваат дека потрошувачите и компаниите наскоро би можеле да го почувствуваат вистинското влијание на царините. Веќе има знаци за повнимателно трошење, при што малопродажбата значително се намали минатиот месец, првенствено поради помалку купување автомобили. Тоа е особено важно бидејќи личната потрошувачка сочинува околу две третини од американската економија.
Претставниците на Федералните резерви одлучија да се воздржат од намалување на каматните стапки, не само поради неизвесноста околу трговската политика, туку и поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Иднината на американската економија сега во голема мера зависи од тоа како ќе се одвива трговската агенда на Трамп.