Поради војната на Блискиот Исток, цените на дериватите скокаат. Денеска е петтиот ден од почетокот на воениот конфликт помеѓу Израел и Иран, а веќе на глобално ниво се предвидува вртоглаво зголемување на цените на нафтата на берзите.
Ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, кој е светски центар за производство на нафта, предизвика нагло зголемување на цената на овој вид на енергенс, при што суровата нафта Брент се зголеми за повеќе од 10 проценти, односно на 75 долари за барел, што е највисоко ниво од јануари годинава. Експертите од нафтениот бизниос предвидуваат дека „црното злато“ наскоро би можело да надмине 100 долари за барел.
Бидејќи движењата на цените на нафтата се берзански, а тие секако може да влијаат и на ценовниците во малопродажбата, веќе може да се стравува доколку цената на нафтата продолжи да расте, можеме да очекуваме зголемување на цената на дериватите.
Понатамошната ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран и меѓусебните напади врз нафтените полиња ја доведуваат цената до повеќе од 100 американски долари за барел, додека ублажувањето на тензиите би ја довело цената до 60 до 65 долари, можеби дури и до 55 долари за барел.
Меѓународните експерети се на став дека засега нема вистинско влијание на терен, бидејќи рафинериите и терминалите не се цел на војната. Според информациите, снабдувањето од тој регион, засега, е непречено. Доколку дојде до затворање на Ормутскиот теснец и таргетирање на иранските нафтени капацитети и одмазднички одговори на Иран, во однос на таргетирање на рафинериите во Заливот, цената сигурно ќе скокне на повеќе од 100 долари за барел. Цената на суровата нафта на крајот влијае на цената на дериватите тука, но не мора да биде доминантна, сметаат познавачите.
Што се однесува до состојбата во Македонија, претседателот на РКЕ Марко Бислимоски изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел. Сепак тој изјави дека ќе има нагорни корекции на цените на нафтата и дериватите доколку војната на Блискиот Исток не заврши во скоро време. Но, Бислимовски е дециден – тоа не смее да има влијание врз останатите производи во земјава, особено не на храната.
„Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик. Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, дизелот кога беше 110 долари беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија – не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание на останатите продукти коишто се користат во Македонија“, вели првиот човек на регулаторното тело Марко Бислимовски.
Една од темите на вчерашниот состанок на Г7 во Канада беше токму цената на нафтата на глобално ниво.
И.П