Секое утро стануваме во исто време, трчаме низ исти обврски, пиеме кафе во истата шолја, излегуваме во исто време. Сообраќај, канцеларија, состаноци, таргети, рокови. Повторно и повторно. Работата стана нашата рутина, нашата дефиниција, нашата вредност.
А кога ќе снема работа – викенд, празник, па дури и одмор – одеднаш не знаеме што со себе. Како да сме изгубени без состаноци, без рокови, без календарот.
„Понекогаш имам чувство дека ако не работам, не постојам. Дури и кога сум дома со семејството, не можам да се исклучам – проверувам мејлови, одговарам на пораки. Научив да бидам постојано достапен, но изгубив чувство за време,“ вели за Денар, Јована, маркетинг менаџерка во приватна компанија од Скопје.
Оваа искрена исповед не е единствена. Сè повеќе луѓе во Македонија признаваат дека не умеат да се одморат, дека имаат чувство на вина кога не се „продуктивни“. Парадоксално, многумина мечтаат за „слободно време“, но кога конечно ќе го добијат – не знаат што со него.
Работата нè научи да бидеме дисциплинирани, прецизни, корисни. Но потајно нè направи и нешто друго: зависни од постигнување. Да не сме активни, се чувствуваме виновно. Да не заработуваме, се чувствуваме безвредно. Да се одмориме – тоа ни изгледа како луксуз.
Колку пати сте си рекле: „Само да помине оваа недела… само овој проект… само оваа година… и ќе земам здив.“ А здивот никогаш не доаѓа.
Во меѓувреме, децата растат, телото старее, родителите ослабнуваат, пријателствата се губат. Сите оние „ќе те барам деновиве“ остануваат неизречени, додека ние остануваме „малку зафатени“.
Иронично, кога некој ќе нè праша што навистина сакаме од животот – често не знаеме. Но точно знаеме што имаме во 10:30 утре.
Секако, работата е важна. Но не треба да биде сè. Фактот што толку луѓе немаат хоби, немаат навика за тишина, немаат време за себе и семејството – покажува дека можеби животот што го водиме е само добро испланиран автоматизам.
„Едно утро се разбудив и сфатив дека имам 42 години, две зголемувања на плата и ниту едно вистинско лето со мојот син. Работев за да му овозможам сè, но никогаш не му го дадов најважното – своето време,“ споделува Петар, ИТ инженер од Битола кој неодамна земал неплатен одмор за првпат во 12 години.
Ова не се слабости – Ова се аларми. За генерации кои се заглавени меѓу економска несигурност и професионални амбиции, потребна е нова дефиниција на успех. Успех што вклучува и време за себе, за блиските, за животот надвор од работното време.
На крајот на денот, нема да се сеќаваме на извештаите и табелите. Ќе се сеќаваме на прошетките, насмевките, мирисот на летото и тишината во која душата одмара.
Работата ќе нè замени за два дена. Но луѓето – нема кој да нè замени таму каде што сме навистина потребни.
Б.С.