Во време на глобални предизвици и домашни економски трансформации, токму човечкиот капитал е највредниот ресурс што една држава може да го има. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје преку својот Економски факултет веќе децении вложува во создавање на стручни, иновативни и одговорни кадри – млади луѓе кои го разбираат светот на економијата и се подготвени да бидат носители на развојот.
Оваа мисија не би била возможна без врвниот кадар – истакнати економисти, истражувачи и практичари кои зад себе имаат богато академско и професионално искуство и кои со посветеност го пренесуваат своето знаење на новите генерации. Нивниот пристап е модерен, динамичен и насочен кон практичната примена на теоријата, што резултира со дипломирани студенти кои веднаш се подготвени за пазарот на трудот – не само како вработени, туку и како идни претприемачи и креатори на политики.
Факултетот, како врвна образовна институција, нуди средина што инспирира, менторира и охрабрува. Тука се гради самодоверба, аналитичко размислување и визија за подобро општество. Тука започнуваат приказните на многу млади кои утре ќе раководат со компании, ќе донесуваат важни економски одлуки или ќе основаат сопствени бизниси.
Една од тие приказни е и приказната на Милена Никлеска, студентка на Економскиот факултет – девојка со јасна цел, искрена љубов кон економијата и силна желба да придонесе за позитивни промени.
„Го избрав овој факултет со љубов и верувам дека тоа е најважното. Ако студентот избере насока што не ја сака, тешко ќе ја заврши. Истото важи и за работата – ако не ја сака, нема да напредува, можеби ќе добие отказ или психички ќе му влијае. Затоа сметам дека љубовта кон она што го учиме и работиме е клучна за успех и лична среќа,“ истакна Никлеска.
Факултетот нуди повеќе насоки кои го покриваат целокупниот спектар на економски активности: од менаџмент и финансии до маркетинг, сметководство и е-бизнис. Овие области имаат клучна улога во развојот на државата и креирањето на конкурентна и стабилна економија.

„Економскиот факултет нуди насоки како менаџмент, финансии, маркетинг, е-бизнис, сметководство, меѓународна трговија и економија. Секоја од овие области има своја улога во создавање стабилна и конкурентна економија. На пример, финансии и сметководство се клучни за стабилноста, транспарентноста и правилното функционирање на институциите и компаниите. Менаџментот придонесува за ефективно управување и координација, маркетингот – за препознатливост и успех на пазарот, додека е-бизнис отвора врати кон нови дигитални пазари“, наведе Никлеска .
Токму овој фокус на конкретни и практични области го прави Факултетот идеално место за стекнување на знаења и вештини кои се неопходни за успех на глобалниот пазар.
Но, позади секој студент стои и посветен наставен кадар кој се грижи за нивниот развој и поддршка. Професорите на Факултетот покрај тоа што се експерти, се и вистински ментори кои се посветени на поддршка и развој на секој студент.
„Од лично искуство можам да кажам дека поддршката и разбирањето од професорите ми помогнаа полесно да ги надминам сите предизвици што се појавија на мојот пат низ студирањето. За тоа ќе останам бескрајно благодарна – и на професорите, и на административниот кадар“, потенцираше Никлеска, зборувајќи за професорите на Економскиот факултет.
На Економскиот факултет при УКИМ студентите имаат можност да учествуваат во практична настава, да се вклучат во студентски организации, како и да се поврзат со најголемите компании преку меморандуми за соработка.
„Моментално, како членови на Факултетското студентско собрание, во соработка со Кариерниот центар, нудиме можности за пракса и вработување. Нашиот Факултет има склучено меморандуми за соработка со многу банки, компании и фирми од различни сектори. Работа секогаш има – за оние што навистина сакаат да работат“, потенцираше Милена.
Сите овие можности ги прават студентите на Економскиот факултет при УКИМ исклучително конкурентни на пазарот на трудот. Според Милена, ова е патот за сите оние коишто сакаат да бидат лидери во економијата.
„На матурантите би им препорачала да размислат каде се гледаат во иднина – дали сакаат да водат тимови, да решаваат проблеми, да креираат промени или да градат свој бизнис. Ако одговорот е „да“, тогаш Економскиот факултет е вистинскиот избор,“ нагласи Милена.
Економскиот факултет во Скопје е реномирана академска установа со долга традиција, која децении наназад создава генерации на врвни економисти, менаџери и експерти, препознатливи по своето знаење, аналитичко размислување и подготвеност да одговорат на современите предизвици на економијата – дома и на меѓународната сцена.