Во првиот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3% на годишна основа, задржувајќи ја динамиката од претходната година. Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5% за целата 2025 година.
Растот во личната потрошувачка (2.1%) е одраз на позитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и на забрзаниот раст на кредитната поддршка на домаќинствата, додека растот на јавната потрошувачка (1.1%) забави по интензивирањето во текот на 2024.
Вкупниот раст на БДП е воден и од растот на бруто инвестициите (18%), но овој раст останува високо варијабилен. Додека, извозот (1.2%) и увозот (5.8%) продолжија да ги рефлектираат неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент. На производната страна, растот во овој квартал е на поширока основа од претходно, со солидни остварувања кај преработувачката индустрија (3.7%) и градежништвото (7.1%), но за сметка на благо забавување на растот на услугите (2.2%).
Невработеноста во првиот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.7% (од 11.9%). Во овој квартал продолжува постепеното намалување на воздржаноста на пазарот на трудот, имајќи предвид дека се креирани близу две илјади нови работни места, а активноста на населението се задржа (52.4%). Сепак, загрижувачка е големата загуба на работни места во преработувачката индустрија (скоро 14 илјади), додека најмногу работни места се креирани во земјоделството, трговијата, јавната управа и образованието.
Во првиот квартал од 2025, инфлацијата се задржа на 4.2% на годишна основа, слично како и во претходниот квартал (4.1%). Опстојувањето на инфлацијата е сврзано со структурата на дел од пазарите за храна, но и со сé уште присутните пренесени ефекти врз останатите компоненти на индексот на трошоците на живот (раст на базичната инфлација од 5.5%), а резултат на солидниот раст на реалните доходи. Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост.
Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат неизвесностите кои произлегуваат од глобалните трговски односи. Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2025 од 3.5%, како и за цените од 3.1%.