6 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежен материјал или свадба? – дилемата на младите брачни парови

Градежен материјал или свадба? – дилемата на младите брачни парови

Кога љубовта ќе созрее и ќе дојде моментот за стапување во брак, многу млади парови во Македонија се соочуваат со горлива дилема: дали да организираат свадба од соништата или тие пари да ги вложат во градежен материјал за темели за свој дом?

Проблемот не е само финансиски – иако токму финансиската неизвесност го диктира одговорот за многумина – туку и културен.

Очекувањата од семејството, традицијата и општеството често се судираат со реалните потреби на младите.

„Ние имавме 7.000 евра за свадба, но кога седнавме да пресметаме колку ни недостига за прозорци и за кров на куќата во изградба, изборот стана јасен“, раскажува Илина Ѓурковска од Штип, која заедно со својот сопруг решиле да направат само скромна семејна свеченост. „Семејството не беше воодушевено, особено баба ми која сонувала да ме види во венчаница, ама ние си рековме – ако не вложиме сега, ќе ни требаат уште 10 години да ја завршиме куќата“.

Трендот не е нов, но станува сè поизразен во последните неколку години, особено по економските шокови кои ги доживеа Македонија.

Цените на градежните материјали скокнаа за 30 до 60 отсто според податоците од неколку големи градежни ланци, што дополнително го отежнува изборот.

„Младите денес се соочени со сурова реалност“, велат социолозите. „Од една страна се притиснати од традицијата – свадбата како социјален ритуал е важна потврда за заедницата – а од друга страна, економијата им вели: или свадба, или кров над глава“.
Во урбаните средини како Скопје, Битола и Тетово, сè повеќе парови избираат да регистрираат брак без голема прослава. На социјалните мрежи се појавуваат сведоштва од младенци кои самите си готвеле ручек, направиле неколку фотографии и заминале во својот недовршен, но сопствен дом.

„Не ни беше лесно да му кажеме на татко ми дека нема да правиме свадба со 300 гости“, раскажува Петар Ристов од Куманово. „Но кога му покажав колку чини само за ручек по човек, и кога му кажав дека за тие пари ќе направиме фасада, ме погледна и ми рече – прав си, синко.“

Сепак, не се сите подготвени да се откажат од традицијата. За некои, свадбата е единствена прилика да ги соберат сите блиски луѓе, особено оние што живеат во странство.

Марија и Ѓоко од Прилеп решиле да се задолжат, зеле кредит и направиле свадба со 400 гости.

„Знаевме дека ќе ни биде тешко првите години, но не сакавме да се откажеме од најубавиот ден во животот“, вели Марија. „Домот ќе го градиме со тек на време, ама спомените од свадбата не се прават двапати“.

Дилемата, се чини, нема лесен одговор. Секој пар го носи својот крст, избирајќи меѓу симболиката на свеченоста и прагматичноста на иднината.

Во држава каде што сопствен дом е сè уште најголемото животно достигнување, а свадбата најгласниот знак на љубов, младите мораат да одлучат што е поважно – момент или темел.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП