„Оперативен план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година има голем број на нови мерки и активности со кои создаваме можност за нивно полесно вклучување на пазарот на труд, а годинава нашиот фокус е на давање на поголема поддршка за младите лица.
Покрај зголемениот опфат по обем, зголемена е и финансиската поддршка, каде за самовработување на млади лица до 29 години предвидуваме поддршка од 10.000 евра неповратни средства, додека во подмерката за поддршка преку здружување на корисници до две лица да основаат бизнис, висината на финансиска поддршка изнесува до 20.000 евра ако содружници кои се до 29 години. Во Оперативниот план младите се ставени во фокусот со цел да се спречи одливот на мозоци и работна сила, тие се иднината на државата и преку овие мерки ние даваме дополнителна можност и поддршка за нивен економски развој“, кажа заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески како одговор на поставено пратеничко прашање на денешната седница во Собранието.

