31 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКосово ги победи македонските бутици - евтина и квалитетна облека ги полни...

Косово ги победи македонските бутици – евтина и квалитетна облека ги полни багажниците

Купувањето облека во Косово за Македонците повеќе не е новина, туку редовна пракса, која во последните две години добива сѐ поголема популарност. Градовите како Приштина и Феризај стануваат атрактивни шопинг дестинации за македонските граѓани кои бараат пониски цени и подобар квалитет.

Причините за овој тренд се јасни – разликите во цените се значителни, понудата е богата, а и географската близина на Косово овозможува еднодневни посети.

Македонските граѓани, особено од северниот и од западниот дел на земјата, веќе ја искористуваат оваа можност, а патувањето од Скопје до Приштина или Феризај трае помалку од два часа.

„На почетокот мислев дека не е нешто посебно, но веќе две години облека купувам исклучиво во Приштина. Истата блуза или патики кои во Скопје ги плаќам по 2.500 или 3.000 денари, во Приштина ги купувам по цена од околу 1.500 до 1.800 денари. Плус, често има поголеми попусти, што е дополнителна причина зошто сум редовна таму“, вели Теа Василевска, која од Куманово до Приштина оди секој втор месец.

Споредбите во цените јасно ги илустрираат причините за зголемениот интерес на македонските граѓани кон Косово.

На пример, еден пар патики од познат бренд кој во Македонија чини околу 5.500 денари, во Феризај може да се најде за околу 3.500 до 4.000 денари. Слична е ситуацијата и со јакните, кои од 6.000 денари во Скопје, во косовските продавници се продаваат по околу 4.000 денари.

Забележителна е и разликата во цените на фармерките. Квалитетен модел, кој во македонските трговски центри достигнува и до 3.000 денари, во Косово може да се набави за половина од оваа цена.

Ова е само мал дел од причините зошто Македонците сѐ почесто го избираат Косово за место каде што ќе ја обноват својата гардероба.

„Не само цените, туку и понудата е далеку побогата од она што можеме да го најдеме во Македонија. Имаш продавници за сечиј вкус и џеб, а персоналот е многу љубезен и секогаш подготвен да помогне“, раскажува Роберто Стојановски од Скопје, кој во Феризај патува најмалку четири пати годишно.

Освен поволните цени и богатата понуда, од голема важност е и фактот што граѓаните од Македонија во Косово можат да платат и во евра, што дополнително ја олеснува трговската комуникација.

Продавниците во Косово често имаат големи попусти и промоции, особено за време на празници и викенди, што претставува уште една мотивација за македонските купувачи.

Овој феномен е и одраз на реалната економска состојба во Македонија, каде високите цени на облеката, комбинирани со инфлацијата, дополнително ги поттикнуваат граѓаните да бараат поевтини алтернативи во соседните земји.

Како што стојат работите, трендот на шопинг-туризмот во Косово само ќе расте, додека македонските трговци ќе мораат сериозно да размислат како да го задржат интересот и парите на домашните купувачи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП