29 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали изнајмените автомобили ќе ги преживеат скопските улици?

Дали изнајмените автомобили ќе ги преживеат скопските улици?

Скопје добива нов, модерен систем за целосно електрично споделено возење наречен „Avant2Go Car-Sharing“, со кој електричните автомобили стануваат достапни како изнајмување на електрични тротинети, и тоа со само неколку клика преку мобилен телефон.

Системот кој веќе успешно функционира во неколку европски градови, ветува почист воздух, потивки улици, намален сообраќаен метеж и, најважно, економски бенефити за граѓаните и значително придонесува кон европските зелени политики.

Иако идејата за споделување автомобили не е новитет во светски рамки, во Македонија ова е прв посериозен обид да се промени навиката на граѓаните кои се речиси неразделни од сопствените возила.

„Avant2Go Car-Sharing“ овозможува изнајмување возила на поминат километар или изминато време, а цените се движат од пет до шест денари за една минута во дневната тарифа и од два до три денари во ноќната тарифа или 22 денари за еден километар. Минималната цена за изнајмување е од 149 до 199 денари, додека максималната е од 1490 до 1990 денари, во зависност од типот на избраното возило.

Но, како скопјани гледаат на новата можност?

Мартина Ристовска, млада претприемачка од Скопје, е многу оптимистична во однос на новата опција за транспорт.

„Ова е одлична иницијатива. Скопје одамна има потреба од вакви решенија. Јас лично користам електричен тротинет веќе три години и многу ми е практично, но кога врне дожд или кога е студено, сепак не е баш удобно. Со Avant2Go имаме комфор и безбедност, а и цените се многу пристапни во споредба со такси-превозот или сопственото возило“, изјави Ристовска.

Таа посочува дека уште еден голем плус е што сега може да се намали бројот на автомобили по улиците, што ќе ги реши и проблемите со паркингот во центарот на градот.

Од друга страна, постојат и граѓани кои не се убедени дека ваков систем ќе заживее во македонските услови. Еден од нив е Јордан Симоновски, пензионер од Аеродром, кој е значително поскептичен.

„Секако дека е убава идеја, но мислам дека во Скопје тоа ќе биде тешко изводливо. Кај нас луѓето имаат многу лоша навика на однос кон заедничките работи. Гледаме секојдневно како се оштетуваат електричните тротинети, па верувам дека истото ќе се случува и со автомобилите“, вели Симоновски.

Експертите од областа на транспортот и екологијата се согласуваат дека ваквите решенија се неизбежни во градовите што се борат со сериозни еколошки и сообраќајни проблеми.

Тие велат дека системот има потенцијал сериозно да го промени начинот на размислување и навиките на граѓаните.

За инженерите за енергетска ефикасност, оваа иницијатива е огромен чекор напред за градот.

„Avant2Go е сериозно и добро смислено решение кое овозможува мобилност без загадување. Македонија како кандидат за членство во ЕУ мора да ги следи европските зелени трендови. Граѓаните сега имаат опција, и доколку системот функционира како што треба, верувам дека ова може да биде револуција за нашите градски улици“, нагласуваат експертите.

Сепак, промените на навиките се процес кој не се случува преку ноќ. Истражувањата од други градови каде што веќе функционираат вакви системи покажуваат дека најважен фактор за успех се корисниците – колку брзо ќе се приспособат и колку ќе ги разберат придобивките од ваквото решение.

Дополнителен предизвик ќе биде и инфраструктурата за полнење на возилата, која мора постојано да биде функционална и достапна за да нема застој во услугата.

Сепак, воведувањето на „Avant2Go Car-Sharing“ во Скопје е важен чекор кон европската иднина и зелена транзиција на градот, а времето ќе покаже дали граѓаните ќе ја прифатат оваа нова можност или скептицизмот ќе преовлада.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП