Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, предупреди дека меѓународната трговија засекогаш ќе биде променета од царинските тензии, дури и ако водечките светски економии постигнат некои компромиси.
„Иако е јасно дека меѓународната трговија никогаш повеќе нема да биде иста, исто така е многу јасно дека ќе има повеќе преговори“, рече таа во интервју за Канадската радиодифузна корпорација на маргините од состанокот на министрите за финансии на Г-7 во Канада.
Taa заврши во четвртокот со комунике во кое членовите ги занемарија своите несогласувања околу царините на американската администрација.
Министрите за финансии и гувернерите на централните банки се фокусираа наместо тоа на колективен повик за решавање на „прекумерните нерамнотежи во глобалната економија“ – напор што е јасно насочен кон Кина, иако не ја именуваа земјата.
„Ќе има повеќе потези од страна на сите партнери во трговскиот поредок за намалување на големите нерамнотежи што ги имаме и што ги имаме долго време“, истакна Лагард.

Во посебно интервју за Радио-Канада, јавен радиодифузен сервис на француски јазик, претседателката на ЕЦБ рече дека ефектите од царините врз инфлацијата се тешки за проценка од страна на централната банка. Може да има инфлаторни последици ако одмаздничките мерки на Европа ги зголемат трошоците за увоз, но на краток рок може да има и дефлаторни импулси ако евтините кинески стоки се пренасочат кон европските пазари, додаде таа.
„Прашањето за влијанието на царините врз инфлацијата е многу деликатно. Постојат многу елементи што моментално се развиваат, ќе можеме да ги процениме нивните последици како што напредуваат преговорите и како што се развива новиот контекст“, коментираше Лагард.
Инфлацијата во еврозоната се задржа стабилна на 2,2% во април, но аналитичарите предвидуваат пресврт во мај што веројатно би ја турнал дури и под целта на ЕЦБ од 2%. Европската комисија прогнозира просечна инфлација од 1,7% следната година.
Се очекува лидерите на ЕЦБ да ја намалат клучната каматна стапка за две недели, со оглед на тоа што инфлацијата се движи кон целта од 2% и американските царини кои влијаат врз економијата. Ова би било осмото намалување од јуни минатата година, со што клучната каматна стапка на депозити ќе се врати на 2%.