Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата(КЗК) во поведена прекршочна постапка донесе решение за изрекување на прекршочна санкција за Сојузот на стопански комори на Македонија заради давање на неточни, нецелосни податоци и податоци кои можат да ја доведат во заблуда Комисијата за одлучување по прекршок.
Комисијата по допрен глас поведе постапка против Сојузот на стопански комори и против четири големи ланци на маркети заради постоење на сомневање за картелско здружување што е строго забрането согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Во текот на постапката иако претходно опоменати од страна на овластените лица од Комисијата за заштита на конкуренција дека давањето на неточни и нецелосни податоци е казниво согласно член 61 став (1) точка 10) од Законот за заштита на конкуренцијата, извршниот директор и потпретседателот на Комората свесно давале неточни податоци за улогата на Комората и нејзините овластени лица во организацијата на склучувањето на забранет договор (картел) помеѓу четирите големи ланци на маркети.

