Според податоците на Државниот завод за статистика, највисоки плати во земјава добиваат компјутерските програмери, професија која одамна е прва на листата најплатени во земјава.
Просечната плата за програмерите во март 2025 година изнесувала просечни 103 854 денари – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Втори на списокот топ пет најплатени професии се Научно истражување и развој, кои во март земале во просек 77 171 денари нето плата. Следуваат вработените во “Останати стручни, научни и технички дејности” со 75 869 денари, па вработените во “Телекомуникации” со 67 776 денари и последни од топ пет се вработените во “Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати” со 63 402 денари нето плата.
На другата страна пак од скалилото, топ три најнеплатените професии во земјава се со минимум трипати и дури над четири пати пониски плати од професиите со највисоки примања. Така убедливо на дното се вработените во секторот “Заштитни и истражни дејности” кои со платите се пониски од сегашниот минималец. Или во март добиле во просек по 24.117 денари. Следуваат вработените во секторот “Производство на кокс и рафинирани нафтени производи” со 27.528 денари, па тие во Рибарство и аквакултура со 28.243 денари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2025 година изнесува 44 763 денари и е зголемена за 10,5 отсто во однос на истиот месец лани.
Зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен има во секторите: Уметност, забава и рекреација (15.3 %), Транспорт и складирање (12.7 %) и Преработувачка индустрија (11.2 %).
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Образование за 15.8 %, Рударство и вадење на камен за 14.1 % и Административни и помошни услужни дејности за 12.5 %.