12 јуни, 2025
ПочетнаКОЛУМНИБанкарски советник: Најскапиот кредит е оној што не си го разбрал

Банкарски советник: Најскапиот кредит е оној што не си го разбрал

Речиси секој ден разговарам со луѓе кои ми велат: „Бранко, барам кредит, ама само да е со најниска камата.“ И разбирам зошто тоа им е важно. Каматната стапка звучи како најлогичниот број што треба да го прашаш кога се задолжуваш. Но искуството ми вели нешто друго – дека најскапиот кредит не е оној со највисока камата, туку оној што не си го разбрал кога си го земал.

Сум видел низ мојата кариера во банка луѓе што потпишуваат кредитни договори без да ги прочитаат сите страници. Без да прашаат што значи „ефективна каматна стапка“, зошто има административен трошок, дали ратата ќе остане иста или ќе се зголеми по една година. А потоа, по некое време, се враќаат разочарани, збунети и најчесто лути. Не затоа што некој ги измамил, туку затоа што никој не им објаснил. Или, уште поточно, затоа што не си дале време да прашаат, да проверат, да разберат.

Ќе кажам нешто што можеби не звучи популарно: не постои магичен кредит. Постои само кредит што одговара на твојата реална финансиска состојба, и оној што не ѝ одговара. Сè друго се реклами и илузии.

Како личен банкарски советник, не ми е работа да ве убедам да земете кредит. Мојата работа е да ви кажам кога не треба да земете кредит. Кога ќе видам дека не сте подготвени, кога гледам дека кредитот ви е емоционална одлука – за да го „преживеете“ месецот или да купите нешто што не можете да си го дозволите – тогаш е мојата обврска да бидам искрен. Понекогаш аргументирано „НЕ“ е најдобриот совет што можете да го добиете.

Луѓето денес се под поголем финансиски притисок од кога било. Се живее брзо, цените растат, платите не стигнуваат, и кредитот делува како лесно решение. И може да биде – ако знаете што правите. Ако го пресметате, ако го вклопите во месечниот буџет, ако земете колку што можете да вратите, а не колку што ќе ви понудат. Не е исто дали можете да отплатите нешто и дали некој е спремен да ви го одобри.

Сум сретнал и такви кои имале одлична идеја, на пример, да ги спојат сите кредити во еден. Тоа е паметно, но само ако ја разбирате целата слика. Затоа велам – секој кредит треба да се планира. Како што планирате одмор, свадба или школување за детето. Не се зема кредит „на брзина“. Не затоа што некој вели „оваа недела сме најповолни“, туку затоа што тебе така ти одговара.

Земете си време, прашајте, ставете на хартија – колку земате, колку враќате, колку долго. Ако не разбирате, не потпишувајте. Ако имате дилема, побарајте стручно мислење, не совети од роднини или пријатели кои „чуле нешто од некого“.

Верувајте ми, мирот што ќе го имате кога ќе знаете точно во што влегувате, вреди многу повеќе од било која рекламирана камата.

Вашиот Личен банкарски советник,

Бранко Стојкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП