1 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија се соочува со нов енергетски предизвик

Македонија се соочува со нов енергетски предизвик

Зголемените инвестиции во обновливите извори на енергија, особено во фотоволтаични централи, ја ставаат Македонија пред неочекуван предизвик – вишок на произведена струја која тешко се прима и се пренесува низ постоечкиот енергетски систем.

Парадоксално, токму вишокот на сончева енергија може да доведе до прекини во снабдувањето со електрична енергија, предупредуваат енергетските експерти.

Според актуелните податоци, речиси 41% од произведената електрична енергија во Македонија е од обновливи извори, при што фотоволтаичните централи заземаат речиси 29% од инсталираните капацитети.

Иако ова значително го намалува производството на енергија од јаглен, експертите посочуваат дека вложувањата не одат во чекор со модернизацијата на преносната мрежа.

„Нашиот енергетски систем не е доволно подготвен да го прифати брзиот раст на производството на соларна енергија“, коментираат инженерите. „Неопходни се големи инвестиции во инфраструктура која ќе може да ја прифати, складира или извезе енергијата што се произведува во моментите кога потрошувачката е мала, а производството големо“.

Според нив, неодамнешниот краткотраен испад во мрежата, кој предизвика проблеми низ целата држава, е директен показател дека вишокот струја може да биде опасен, ако нема систем за балансирање.

Познавачите со коишто разговаравме велат дека проблемот не е само во инфраструктурата, туку и во начинот на кој државата ги регулира дозволите за нови централи.

„Добро е да имаме соларна енергија, но не може да се дозволи неконтролирано поставување на панели без претходна анализа дали тоа ќе предизвика преоптоварување на мрежата. Инвеститорите треба или да добијат ограничен број дозволи, или да бидат задолжени сами да вложуваат во системи за чување на енергија“, појаснуваат познавачите.

На терен, состојбата е сложена. Производителите на струја велат дека веќе се соочуваат со исклучувања кога има преголемо производство.

Васил Петрески, сопственик на средно голема фотоволтаична централа во прилепскиот регион, потенцира дека државата мора итно да преземе мерки.

„Ако продолжиме вака, наместо профит, ќе броиме загуби. Ни треба државна поддршка за инвестиции во батериски системи, системи за водород или хидроакумулации. Не можеме сами да го решиме овој проблем“, тврди Петрески.

Министерството за енергетика, пак, уверува дека презема конкретни мерки. Веќе се најавени значајни инвестиции во модернизација на мрежата и изградба на нови далноводи, кои би ја поврзале земјата со регионот и би овозможиле извоз на вишокот енергија.

Додека државата и експертите бараат начин за справување со вишокот струја, граѓаните се надеваат дека оваа парадоксална ситуација – во која имаме премногу струја, а можеби и премалку кога е најпотребна – нема да стане новата нормалност.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар