16 мај, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЕден процент од децата роми одат во градинка, шест отсто од вкупни...

Еден процент од децата роми одат во градинка, шест отсто од вкупни запишаните роми го завршиле основно училиште, а три отсто од запишаните роми лани го комплетирале средното образование!

Најновиот тригодишен проект под наслов “Надвор од бариерите: Резилиетност на Ромите на Западен Балкан” покажува дека и натаму ромската заедница продолжува да се соочува со сериозни предизвици. Во рамките на проектот беше изработен Извештај во сенка за имплементацијата на јавните политики за ромите во Македонија и тоа за периодот Јули 2024 – Февруари 2025 година. Овој извештај и проект го изработи Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико.

Извештајот покажува дека ромската заедница продолжува да се соочува со проблеми во неколку области. Прв и најсериозен проблем ромите имаат со вработување, потоа во делот на образованието, секако со здравството, домувањето и граѓанската регистрација.

„Во сферата на образованието, само 472 или 1,3% од децата кои се запишани во јавни градинки во учебната 2024/2025 година се Роми, а 150 од нив се ослободени од партиципација како дел од владините мерки за социјално ранливи семејства. Според Министерството за образование и наука, 97% (10.787 ученици) од запишаните 6%, односно 11.055 ученици Роми за учебната 2023/2024 го комплетирале основно образование, додека 94% (1.772 ученици) од запишаните 2,7% (1.867 ученици) Роми во учебната 2023/2024 го комплетирале средното образование“, стои во извештајот.

Ова покажува дека веќе постои тенденција Ромите да го комплетираат своето образование. Официјалните податоци велат дека во 26 општини се ангажирани 44 образовни медијатори кои се директна поддршка на децата Роми, а во април 2025 е донесен закон со кој оваа улога се воведува и во средното образование, таргетирано за деца Роми. Сепак, креаторите на извештајот сметаат дека остануваат предизвици поврзани со децата со попреченост, сегрегацијата и пристапот до образование за возрасни.

Што се однесува до здравството, 19 Ромски здравствени медијатори биле активни во 2024 година, но буџетот за оваа програма е целосно укинат во 2025 година.

„Иако стапката на смртност кај Ромските доенчиња е намалена (3.01% во 2023), таа и понатаму е највисока во споредба со другите заедници. Во категоријата од 25–44 години, Ромите сочинуваат 5% од вкупните смртни случаи, што е значително повеќе од другите етнички групи. Во категоријата од 45–64 години, Ромите сочинуваат дури 37% од вкупните смртни случаи, што е највисока стапка во однос на другите етнички групи во оваа категорија. Истовремено, се нотира сериозен недостиг на здравствено осигурување кај Ромската популација“, се наведува во извештајот.

Расположливите податоци велат дека домувањето и натаму останува една од најкритичните области. Народниот правобранител известува дека семејства со деца живеат во екстремно нехумани услови во објектот на ЈУ „Ранка Милановиќ“ во Скопје и тоа без вода, струја и основни услови за живот. Во привремени објекти во Визбегово се сместени 80 лица, од кои 55 се деца. И покрај тоа што Стратегијата за Роми 2022–2030 и Уставот го гарантираат правото на домување, ефективни и трајни решенија сè уште изостануваат. Истовремено, дискриминацијата врз основа на етничка припадност останува системска – 27% од пријавените случаи во 2024 година се однесуваат на Ромите, што е највисок процент споредено со другите заедници.

„Вкупната реализација на буџетот за спроведување на Националната стратегија за Роми изнесува 91% од планираниот буџет. Во 2024 беше направен и ребаланс на буџетот, со севкупно намалување од 1.940.000 МКД од буџетот планиран за имплемнтацијата на Стратегијата за Роми. За 2025 година предвидени се 44.520.000 МКД за спроведувањена стратегијата, но загриженостапостои поради потенцијалното влијание на овие кратења врз ефективноста на програмите наменети за ромската заедница.“ Стои во извештајот

Бројот на регистрирани невработени Роми во АВРСМ е околу 10% или 10.388 Роми од кои 93% односно 9.677 лица се Роми без завршено образование или со завршено основно образование, потоа 4,13% или 430 лица се со завршено средно образование и само 0,22% односно 23 лица се невработени со завршено високо образование, а се пријавени во Агенцијата за вработување. Голем дел од заедницата и понатаму останува активна во неформалната економија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП