Денеска, на плоштадот во Скопје, човек со часови седеше заелепен со селотејп на една од бандерите. Момчето подоцна се симна и го изрази својот револт кон јавноста, која според него многу брзо заборавила на семејствата на загинатите и повредените од пожарот во дискотеката во Кочани.
„Овие деца се пуштени од болница и ќе немаат цел живот раце. Барем да им помогнеме. Толку ли бргу нè заборавивте нас од Кочани? Зошто тој град никогаш не бил битен? Да направиме нешто за тој град. Наместо да се отвораат нелегални дискотеки, нека направат нешто во Кочани. Нека направат некој културен центар, спортски центар. Нека отворат некое кино наместо деца да одат на такви места и да се глупираат таму, нека гледаат филм“, рече човекот од Кочани.
Тој вели дека жителите на овој град не се чувствуваат добро и повика на разбирање. Ако не се преземе нешто, вели, работата ќе оди на полошо.
„Ми загинаа пет другари и некој ме прашува: нема ли да ти биде срам што ќе бидеш врзан? Јас сум секако духовно врзан. Нема што да правам, морам да живеам во тој град. Мора да направам нешто за него“, рече човекот објаснувајќи ја симболиката на врзувањето.
Тој рече дека донациите се намалиле, а на децата ќе им требаат многу пари.
Во своето обраќање кажа и дека Кочани со децении е заборавен град и дека никој ништо не презема за да се подобрат условите за живот.