Во време кога инфлацијата, нестабилните пазари и економските кризи ги менуваат нашите потрошувачки навики, сè поголем број луѓе развиваат фобичен однос кон трошењето пари.
Овој феномен, во психолошката литература познат како „финансиска анорексија“, претставува состојба каде што поединецот доживува интензивен страв и вина секогаш кога треба да потроши, дури и за основни животни потреби.
На прв поглед, ваквото однесување може да изгледа како пример за одговорно управување со буџетот. Но, кога претпазливоста преминува во опсесија, последиците можат да бидат сериозни – не само за менталното здравје, туку и за квалитетот на животот.
„Не си дозволувам ништо. Ни кафе надвор, ни нови чорапи. Сè бројам, сè анализирам. И кога ќе си дозволам мал трошок, чувствувам вина цел ден“, раскажува 34-годишната Марија Д. од Скопје, која веќе две години води „екстремно штедлив“ живот по неколку лоши финансиски искуства.
Според психологот Сања Љубеновиќ, финансиската анорексија често произлегува од траума – изгубена работа, развод, семејна сиромаштија или нагли промени во економската состојба на човекот.
„Луѓето што ја развиваат оваа состојба не се само рационални штедачи. Кај нив постои длабок страв дека секоја потрошена сума може да значи катастрофа. Тоа ги држи заробени во постојана анксиозност“, вели Љубеновиќ.
Финансиската анорексија не е официјално признато психијатриско нарушување, но последиците може да бидат многу слични на другите компулсивни нарушувања – социјална изолација, неможност да се ужива во секојдневието, а понекогаш и нарушување на семејните односи.
„Мојата жена веќе не сака да оди со мене во продавница. Сè ми изгледа скапо, сè ми е непотребно. Таа ми вели дека не живееме, туку дека само преживуваме“, признава Игор, 41-годишен вработен во приватна фирма, кој по пандемијата нагло ја променил својата финансиска логика.
Експертите велат дека решението не е во непотребно трошење, туку во воспоставување здрава финансиска рамнотежа. Советуваат луѓето со вакви симптоми да побараат психолошка поддршка, но и да создадат реален план на трошоци со можност за „задоволства“ – без вина.
Финансиската писменост, но и свесноста за психолошките механизми зад штедењето, се клучни.
„Не е проблем да си штедлив. Проблем е кога штедењето станува форма на казна, од која не можеш да се ослободиш“, додава психологот.
Во свет каде што трошењето е често наметнато како форма на вредност, а штедењето како доблест, важно е да го најдеме златниот баланс – оној каде парите служат за подобар живот, а не како извор на постојан страв.
Б.З.М.