ЕУ планира да воведе царини за стоки од Соединетите Американски Држави во вредност од 100 милијарди евра доколку преговорите меѓу Вашингтон и Брисел не успеат во врска со евентуалното намалување на најавените американски царини за членовите на Унијата, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.
Извори велат дека листата со предложени нови европски тарифи против САД ќе им биде дистрибуирана на земјите-членки веќе утре, а консултациите ќе траат еден месец пред да се финализира листата.
Тие изјавија дека списокот може да се промени во тој период.
Европската комисија (ЕК) ќе го сподели тој документ со САД оваа недела за да се обиде да започне преговори за намалување на американските царини со ЕУ.
Во преговорите меѓу ЕУ и САД, кои започнаа минатиот месец, постигнат е мал напредок и се очекува дека поголемиот дел од американските царини ќе останат на сила, објави Блумберг.
ЕУ веќе воведе царини за американски стоки во вредност од 21 милијарда евра како одговор на царините од 25 проценти на американскиот претседател Доналд Трамп за извоз на челик и алуминиум.
ЕУ се согласи претходно овој месец да го одложи спроведувањето на тие мерки за 90 дена откако САД ја намалија таканаречената реципрочна стапка за поголемиот дел од извозот на ЕУ од 20 проценти на 10 проценти, додека траат преговорите.
Трамп, исто така, воведе царина од 25 проценти на увозот на автомобили од ЕУ, како и на некои автоделови.
Американскиот претседател размислува за воведување царини за увоз на дрва, фармацевтски производи, полупроводници, ретки минерали и камиони од ЕУ.