3 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџет за бебе - колку чини првата година родителство?

Буџет за бебе – колку чини првата година родителство?

Доаѓањето на нов член во семејството е момент исполнет со радост, но и со сериозни финансиски предизвици.

Првата година од животот на едно бебе е, без сомнение, и најскапата – посебно за млади родители кои првпат се соочуваат со ова искуство.

Од пелени и облека, до колички и вакцини, родителството значи и сериозно преуредување на домашниот буџет.

Според пресметките на неколку млади семејства од Скопје, просечната сума што се троши во првата година на едно дете се движи од 120.000 до дури 200.000 денари, во зависност од животниот стил, изборот на производи и дали родителите добиваат помош од баби и дедовци.

„На почетокот мислевме дека ќе поминеме поевтино, но кога ќе ги собереш сите мали трошоци – тоа се суми кои сериозно ја оптоваруваат платата. Само за пелени месечно даваме околу 3.000 денари“, раскажува Маја Мицева, мајка на петмесечно девојче.

Таа додава дека производите за хигиена, како влажни марамчиња, креми и шампони, исто така се редовна ставка во неделниот шопинг.

Количка, креветче, седиште за автомобил, стерилизатор за шишенца, хранилка и мноштво други предмети, кои често се набавуваат уште пред да се роди бебето, ја чинат просечната македонска фамилија од 30.000 до 60.000 денари.

Ако овие работи не се добијат на подарок или на заем, почетниот трошок за новороденче може да биде значително висок.

„Количката ја купивме за 18.000 денари, а седиштето за во автомобил ни беше уште 7.500 денари. Згора на сè, облеката се купува постојано, бидејќи бебето расте многу брзо – не стигнуваш ни да ја испереш една гардероба, веќе е мала“, вели Александар Пандев, татко од Битола.

Исто така, постојат трошоци кои се појавуваат откако ќе започне дохраната – адаптирано млеко, кашички, овошни пиреа, па дури и посебни прибори за хранење. Доколку мајката не дои, млекото само по себе може да чини околу 4.000 денари месечно.

„Мораш да одбираш: или ќе купуваш сè од маркети, или ќе одиш по природна варијанта, па ќе приготвуваш дома. Секое има свои трошоци, само времето е различно“, вели Соња Груевска, самохрана мајка од Куманово.

И покрај сите овие трошоци, со добра организација и со паметни одлуки, родителите успеваат да ги балансираат финансиите.

Многумина се решаваат за половна опрема, купена преку интернет платформи, каде колички и креветчиња се продаваат по цена и до 70% пониска од новите.

Психологот Сања Љубеновиќ советува родителите однапред да направат план.

„Планирање и поставување приоритети е клучот. Бебето не бара скапи играчки и брендирана облека – му треба грижа, внимание и безбедност. Сè друго може да се прилагоди“.

На крајот, родителството останува најголемата инвестиција што не се мери во денари. Но, сепак, кога сметката ќе се собере – едно бебе во Македонија во првата година „чини“ колку мал автомобил.

Дали сте подготвени за тоа?

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП