Белгиската клириншка куќа „Euroclear“ планира да заплени околу 3 милијарди евра руски средства кои се замрзнати на нејзините сметки откако Русија ја презеде контролата врз капиталот на инвеститорите на нејзина територија. Ова е јасно од документите што ги виде „Reuters“, како и од информациите од луѓе запознаени со ова прашање.
Парите ќе бидат искористени за обештетување на западните инвеститори откако Москва заплени пари што се чуваа во Русија во последните месеци, изјавија три извори. Ова е значајна ескалација на напорите на двете страни да искористат милијарди долари погодени од војната во Украина.
„Euroclear“ ќе прераспредели 3 милијарди евра од вкупно 10 милијарди готовина во евра што им припаѓа на руски правни и физички лица погодени од санкциите на Европската Унија по почетокот на инвазијата на Украина во 2022-ра година, објавија два од изворите.
Европската Унија го промени својот режим на санкции кон крајот на минатата година, дозволувајќи враќање на средствата на западните инвеститори во такви случаи.
Во минатото, Западот организираше кредити и други плаќања на Украина од каматата на замрзнатите руски средства, што рускиот претседател Владимир Путин го нарече кражба.
Планираната исплата беше поттикната од одлуката на руската влада да конфискува милијарди од западните инвеститори минатата година. Во меѓувреме, „Euroclear“ се најде под притисок од меѓународните инвеститори да ослободи одредени износи. „Reuters“ не е во можност да утврди кои инвеститори ќе имаат корист од исплатата.
„Euroclear“ доби дозвола од Белгија во март да ја изврши исплатата, велат изворите, а клиентите беа известени во документ од 1-ви април.
„Добивме дозвола од надлежните органи да ја одмрзнеме компензацијата и да ја обезбедиме“, се вели во документот.
Новинската агенција не беше во можност да ги идентификува руските сопственици чиј имот ќе биде конфискуван.
Белгиската влада одби да коментира, а руското Министерство за финансии не одговори на барањето за коментар.
Според два од изворите, исплатите кон западните инвеститори нема да вклучуваат повеќе од 200 милијарди евра резерви на Руската централна банка, кои се замрзнати во ЕУ, јавуваат два извори.
Сепак, ова ќе ја намали големината на руските средства, кои вклучуваат готовина, акции и обврзници што речиси целосно се чуваат во „Euroclear“, што му даде на Брисел предност врз Москва. Исто така, имаше предлози за користење на замрзнатите руски средства за обнова на Украина.
Но, одлуката за ставање на располагање на инвеститорите во Европа замрзнатите руски средства беше критикувана од некои.
„Запленувањето на руски средства и нивното давање на западните инвеститори би било морално за осуда“, рече Џејкоб Кјеркегор, експерт за санкции во Институтот „Питерсон“ за меѓународна економија, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.
„Тоа би била политичка одлука да се даде приоритет на западниот бизнис пред даночните обврзници. Сите замрзнати средства што не одат за обнова на Украина… ќе мора да бидат покриени од даночните обврзници“, верува тој.
Европската Унија замрзна стотици милијарди руски средства – вклучувајќи ги и резервите на централната банка – по руската инвазија на Украина во февруари 2022-ра година, во невиден потег.
„Euroclear“ го држи лавовскиот дел од санкционираното руско богатство во Европа – над 180 милијарди евра.
Враќањето на овие пари е важно за Москва и е причина за околу 100 тужби против „Euroclear“, рече еден од изворите. „Reuters“ не можеше да го утврди статусот на овие тужби.
Москва минатата година предупреди дека ќе возврати доколку нејзините замрзнати средства бидат конфискувани и искористени за Украина, воведувајќи законски измени што ќе ѝ овозможат да го стори тоа.
Во последните месеци, Москва конфискуваше 3 милијарди евра што ги чува „Euroclear“ во Русија за компензација на руските инвеститори погодени од западните санкции, изјавија двајца од изворите.
„Clearstream“, дел од Германската берза која, како и „Euroclear“, складира хартии од вредност како што се акции и обврзници, исто така се најде во слична ситуација. Фирмата со седиште во Луксембург, исто така, ќе врши слични исплати од замрзнати руски средства на западните инвеститори, но во помал обем, изјави лице запознаено со ова прашање.
Релевантната сума е неколку стотици милиони евра, рече изворот. „Clearstream“ одби да коментира.
Според две лица запознаени со случајот, станува збор за размена на западни пари замрзнати во Русија за руски пари блокирани во Европа, иницирана од Москва.