2 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ подготвува нови санкции против Русија во координација со САД

ЕУ подготвува нови санкции против Русија во координација со САД

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Европската унија (ЕУ) подготвува 17-та рунда санкции против Русија. Според него, рускиот претседател Владимир Путин е „единствената пречка“ за мир во Украина.

ЕУ воведе неколку рунди санкции врз Русија како одговор на нејзината инвазија на Украина и претходно оваа година изјави дека нема да ги укине пред „безусловното“ повлекување на руските трупи од земјата.

„Ние Европејците ќе ја поддржиме оваа американска иницијатива со 17-тиот пакет санкции и вчера му се обврзав на (американскиот сенатор) Линдзи Греам дека ќе се обидеме да ја координираме и содржината и времето на овие два пакета санкции“, коментираше Баро.

Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува за прекин на борбите меѓу Русија и Украина, а двопартиска група сенатори предводени од Греам и демократот Ричард Блументал минатиот месец предложија закон со кој ќе се воведат санкции врз земјите пријателски настроени кон Москва доколку таа ги попречи напорите за прекин на војната.

Баро ги насочува своите критики кон рускиот претседател, додавајќи: „Сега е кристално јасно дека единствената пречка за мир во Украина денес е Владимир Путин“.

Силите на Москва ја започнаа војната во Украина во февруари 2022-ра година, во обид да воспостават контрола врз земјата, што Киев го спречи со помош на меѓународна поддршка, обезбедена главно од САД и европските земји.

Баро, исто така, вели дека ја поздравува „нефилтрираната размена“ со неговиот американски колега Марко Рубио.

„Имавме отворен разговор што ни овозможи да ги координираме нашите активности, но исто така и да ја препознаеме конвергенцијата на нашите цели во однос на регионалните и меѓународните кризи, бидејќи сакаме да дејствуваме заедно“, додаде францускиот министер.

Баро и Рубио се сретнаа на 1-ви мај „за да го унапредат патот кон мир во Украина“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.

„Секретарот јасно стави до знаење дека претседателот Трамп е решен да го запре бесмисленото крвопролевање во Украина и ја потврди посветеноста на Соединетите Американски Држави на тесна соработка со Франција и другите европски партнери за обезбедување траен мир“, додаде таа.

За време на средбата со Баро, Рубио коментираше дека Европа мора да преземе акција со вистински ресурси и политичка волја за да ја заврши војната во Украина.

Рубио ја призна улогата на Франција во мобилизирањето на европската и украинската поддршка, нагласувајќи дека „потребни се акции, а не само зборови“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП