2 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПресврт во трговските односи меѓу САД и Кина?

Пресврт во трговските односи меѓу САД и Кина?

Доналд Трамп со денови повторува дека неговата администрација води разговори со кинеските претставници за можен трговски договор. Сега потврдата пристигна.

Кинеското Министерство за трговија соопшти во петокот дека „моментално разгледува“ предлози од Соединетите Американски Држави за започнување трговски разговори, што претставува значајна промена во тонот и би можело да отвори врата за преговори меѓу двете најголеми економски сили во светот, објави Си-Ен-Ен.

„Соединетите Американски Држави неодамна, преку соодветните канали, испратија неколку пораки до Кина изразувајќи ја својата желба за започнување разговори. Кина моментално ги разгледува овие пораки“, изјави портпаролот на Министерството.

Соопштението укажува на омекнување на ставот на Пекинг, кој досега зазема цврста и непопустлива позиција во услови на ескалација на тензиите предизвикани од трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп со денови тврди дека неговата администрација води разговори со кинеските претставници за можен трговски договор – но овие тврдења редовно се отфрлани од Пекинг.

Во соопштението, Пекинг потврди дека за какви било сериозни преговори, САД ќе мора да исполнат одредени предуслови.

„Трговската војна и царинските мерки беа еднострано започнати од САД. Ако сакаат да преговараат, мора да покажат искрена намера – што вклучува исправување на грешките и повлекување на зголемувањето на царините“, се вели во соопштението.

Во прашање се огромни трговски текови меѓу двете најголеми економии во светот. Потсетуваме дека претходно овој месец, Трамп ги зголеми царините за кинески стоки до 145 проценти, што им го отежна извозот на многу кинески компании на американскиот пазар. Како одговор, Пекинг возврати со зголемување на царините за американски производи за до 125 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП