Со финални презентации на иновативни бизнис-идеи и нетворкинг настан со алумни-заедницата, успешно заврши седумнаесеттото издание на „Лидер Проектот“ – врвна бизнис обука организирана од Македонија2025, наменета за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од целата земја. Програмата се реализираше во соработка со реномираната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада и се темели на најдобрите глобални практики во деловното управување, адаптирани на локалниот контекст и предизвици.
Во текот на две недели, учесниците интензивно работеа на теми од стратегија, финансиско управување, маркетинг, развој на производ, човечки ресурси и лидерство, преку анализа на реални деловни студии на случај, симулации и практични задачи. Обуката вклучи и индивидуална менторска поддршка од искусни канадски предавачи.

