6 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпасност од прекини на струја: Што прави Македонија за да се заштити?

Опасност од прекини на струја: Што прави Македонија за да се заштити?

Прекинот на електричната енергија што деновиве остави големи делови од Шпанија, Португалија, како и региони во Франција без струја, е сериозен сигнал и предупредување за енергетските системи ширум Европа, вклучително и Македонија.

Овој настан, неочекувано стана главна тема на деветтиот Балкански енергетски форум што се одржува во Атина, каде присуствува и нашата делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Двајцата високи функционери потенцираа дека Македонија внимателно го следи настанот, се преземаат превентивни чекори и мерки, а во консултација со енергетски експерти е анализирано што точно се случило на Пиринејскиот Полуостров и како нашата земја да се заштити од слично сценарио.

Според министерката Божиновска, последен пат ваков сериозен блек-аут во Европа се случил во 2003 година кога 56 милиони луѓе останале без струја. Сегашниот инцидент кој го погоди Иберискиот полуостров, според неа, претставува уште едно отрезнувачко предупредување дека стабилноста на енергетските системи е исклучително кревка.

„Во овој момент причините се непознати, а шпекулациите се бројни. Вчера на неформалната министерска средба добивме информации дека ќе има официјална изјава од властите во Шпанија и Португалија, но конечни податоци сè уште нема. Сепак, ова повторно нè потсетува на важноста од стабилност и сигурност на енергетските системи, особено кога обновливите извори на енергија стануваат доминантни“, рече Божиновска.

Македонската Влада, според неа, веќе има преземено мерки за превенција од вакво сценарио. Посебно е важно да се истакне дека мерките што Регулаторната комисија ги презела за празникот Велигден ќе се продолжат и за првомајските празници и се планира да траат сè до октомври.

„Ова е првпат нашиот систем координирано да преземе ваков вид превентивни активности, а целта е да спречиме било каква можност за масовен прекин на струјата“, додаде министерката.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, предупреди дека системите со високо учество на обновливи извори на енергија стануваат ранливи поради непредвидливоста во производството на електричната енергија.

„Ова што се случи во Шпанија и Португалија е очекувано кога имате толкав процент обновливи извори во мрежата. Јас како електроинженер можам да кажам дека причината која се наведува како ‘редок атмосферски феномен’ не ми е позната. Ќе треба детално да се истражи и да се научат лекции од ова искуство“, потенцираше Бислимоски.

Тој додаде дека мерките што РКЕ ги спроведе за време на празниците – привремено исклучување на одредени обновливи извори на енергија – биле успешни во обезбедувањето стабилност на системот.

Во одредени периоди дури и цените на струјата биле близу нула, а понекогаш и негативни, што значи дека во такви моменти дури и производителите на струја од фотоволтаици би биле загрозени, доколку не се преземат вакви координирани мерки.

Со цел подобро да ја разбереме оваа ситуација, разговаравме и со неколку енергетски аналитичари кои сакаат да останат анонимни поради чувствителноста на темата.

Првиот аналитичар укажа дека исклучувањето на нуклеарните електрани во Шпанија пред неколку години, за кое се одлучи тогашната социјалистичка влада, значително ја намалило сигурноста на снабдувањето со електрична енергија.

„Кога се потпирате премногу на обновливите извори без соодветни стабилизирачки извори како нуклеарна енергија или батериски системи, ваквите инциденти не се изненадување. Македонија мора да биде внимателна и да ја одржи рамнотежата во енергетскиот микс“, потенцираше аналитичарот.

Друг експерт смета дека Македонија треба итно да инвестира во модернизација на мрежата и воведување батериски системи кои можат да ги апсорбираат вишоците од обновливите извори и да ги испорачуваат во периоди кога производството паѓа.

„Ако брзо не инвестираме во системите за складирање, ќе бидеме под постојан ризик од блек-аут. Треба да се разгледаат и стратешките резерви како алтернативни извори за стабилизирање“, додаде аналитичарот.

Третиот експерт нагласи дека енергетските системи во Европа се силно поврзани и дека ниту една земја не може самостојно да се справи со вакви проблеми.

„Македонија треба активно да соработува со соседите и со Европската мрежа на систем-оператори за да се избегне вакво сценарио. Потребна е регионална и европска координација на сите мерки“, вели експертот.

Заклучокот е дека Македонија, како и цела Европа, мора да го извлече максимумот од шпанско-португалскиот блек-аут за да се заштити од идни слични настани.

Стабилноста на енергетскиот систем мора да стане апсолутен приоритет, бидејќи последиците од масовен прекин на струјата би биле далеку поголеми од вложувањата потребни за превенција.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП