„Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка.“ Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.
Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност, Народната банка одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања. „Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор“, истакна Ангеловска-Бежоска.

