Светскиот економски форум започна истрага против својот основач Клаус Шваб, откако свиркачите претходно ги обвинија Шваб и неговата сопруга Хилде за финансиска злоупотреба.
Обвиненијата наведуваат дека Шваб манипулирал со истражување, користел средства на компанијата за да плати за приватни масажи, барал од персоналот на Форумот да го промовира за Нобеловата награда за мир и барал од помладиот персонал да подигне илјадници долари од банкоматите во негово име, пренесува Фајненшл тајмс (ФТ).
Во писмото на свиркачот, исто така, се обвинува Клаус Шваб дека манипулирал со Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум за да добие наклоност кај одредени влади.
Публикацијата ги рангира земјите врз основа на критериуми како што се образованието, инфраструктурата, пазарот на труд и здравствените системи и е референтна точка за годишниот состанок во Давос.
Некои обвинувања се однесуваат и на сопругата на Шваб, Хилде, која претходно работела на Светскиот економски форум, пишува Гардијан.
Се тврди дека таа одела на луксузни патувања на сметка на организацијата и дека строго го контролирала користењето на „Вила Мунди“, голем имот со поглед на Женевското езеро, кој е во сопственост на Форумот.
Сопружниците Шваб, наводно, ги негирале сите обвинувања, велејќи дека тие се неосновани и ќе бидат оспорени на суд, пренесува Танјуг.
Клаус Шваб, познат како „Господин Давос“, го основа Светскиот економски форум во 1971 година. Тој беше редовен домаќин на годишната конференција во швајцарскиот ски-центар, на која се собираат премиери, извршни директори, познати личности и врвни финансиери.