Во време кога цените на возилата постојано растат, а трошоците за одржување стануваат сè поголем товар за семејниот буџет, изборот на автомобил бара повеќе од само убав дизајн и моќен мотор.
Сè поголем број возачи во Македонија споделуваат слично искуство – по купувањето на одредени модели, набргу следат чести дефекти, непредвидени поправки и чекање со недели за делови кои никако не пристигнуваат.
Според автомеханичарите и искусни возачи, постојат неколку модели што би било паметно да се избегнуваат при купување половно возило.
1.Renault Laguna II (2001–2007)
Овој модел е познат по електрониката што често откажува.
Картичката за стартување на возилото знае да се „изгуби“ сама од себе, а поправките на управувачката електроника можат да чинат повеќе од вредноста на автомобилот.
Сензорите за притисок, клучевите, па дури и автоматскиот менувач честопати создаваат проблеми, особено на примероци со над 200.000 километри.
2.Chevrolet Epica (2006–2011)
Иако на прв поглед изгледа како солидна лимузина, Epica е болка за џебот кога ќе дојде ред на сервис.
Деловите се тешко достапни во Македонија, а многу од нив се нарачуваат директно од Кореја или од Германија.
Менувачот, пумпата за гориво и делови од подвозјето се меѓу најчестите проблеми, а цената за нивна поправка е астрономска споредено со пазарната вредност на возилото.
3.Audi A6 2.7 и 3.0 TDI (2004–2011)
Иако Audi е премиум бренд, овие дизел верзии се скапи за одржување.
Инјекторите, турбините и ланчаниот пренос често знаат да откажат, а поправката може да надмине 2.000 евра.
Возилото има комплексна електроника која бара специјализирана дијагностика, а кај половни возила со сомнително сервисно минато – тоа може да биде кошмар.
4.Peugeot 407 (2004–2010)
Француски автомобил со одлична линија, но со мачна реалност под хаубата.
Проблеми со електрониката и хидрауликата се речиси загарантирани по 150.000 км.
Особено е скапа и непрактична поправката на задниот мост и системот за кочење.
За некои делови се чека и до месец дена, што е неприфатливо за секојдневно возење.
5.BMW X5 (E53 – 1999–2006)
Еден од најпосакуваните SUV модели, но истовремено и еден од најскапите за одржување.
Многу купувачи не се свесни дека возење на ваков модел бара буџет за сервисирање на ниво на луксузна класа.
Проблеми со пневматската суспензија, автоматскиот менувач и системот за ладење се честа појава.
На оваа тема разговаравме со искусен механичар од Скопје, кој самиот ни ги потенцираше топ 5 половни автомобили кои што треба да ги избегнувате.
„Имам клиенти што ги купиле овие возила под влијание на надворешниот изглед или брендот, но за кратко време се нашле со десетици поправки и огромни сметки. Кај Audi A6 TDI често доаѓаат со расипана турбина, а деловите се толку скапи што некои решаваат да го продаваат автомобилот за делови. Renault Laguna пак, е вистинска електронска катастрофа – само за клуч картичка се плаќа по 200 евра“, истакна нашиот соговорник.
Па така, советува тој, при купување половен автомобил, најважно е да се направи детална проверка и да не се гледа само на цената.
Возило со ниска цена често може да ве чини скапо подоцна. Барајте модели со достапни делови, евтини сервиси и добро позната историја.
Зошто, како што велат механичарите – „подобро старо голфче, отколку нова главоболка“.
Б.З.М.