SpaceX на милијардерот Илон Маск, во партнерство со софтверската компанија Palantir и производителот на дронови Anduril, стана фаворит за изградба на клучен дел од Златната купола.
Станува збор за противракетен штит што американскиот претседател Доналд Трамп сака да го развие, изјавија шест извори запознаени со ситуацијата, а планот вклучува лансирање на констелација од 400 до повеќе од 1.000 сателити кои ќе детектираат и следат ракети ширум светот, објави Ројтерс.
Во рамките на Златната купола, специјална флота од 200 борбени сателити, вооружени со проектили или ласери, би била задолжена за пресретнување на непријателските ракети, но SpaceX нема да учествува во нивното вооружување.
SpaceX предлага модел на „претплата“, каде што владата би платила за пристап до системот, наместо да го поседува, што предизвикува загриженост кај некои претставници на Пентагон, велат изворите.
Иако Пентагон покажува позитивен став кон групата предводена од SpaceX, процесот на донесување одлуки се уште е во рана фаза и конечните одлуки може да се променат.
Покрај SpaceX, повеќе од 180 компании изразија интерес за учество во проектот, меѓу кои и воени компании како Northrop Grumman, Boeing, Lockheed Martin и RTX.
Проценките покажуваат дека целиот проект би можел да чини стотици милијарди долари, а првите компоненти на системот треба да бидат готови од 2026 година.