22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСезонска работа во странство – брза заработка или само желба?

Сезонска работа во странство – брза заработка или само желба?

Секое лето, илјадници млади и средовечни Македонци ги пакуваат куферите со надеж дека сезонската работа во странство ќе им донесе пристоен приход, кој ќе им овозможи подобра зима дома.

Од работа на плажа во Грција, преку угостителтсво на Јадранот, до берење овошје во Германија – списокот на понуди е долг, но прашањето останува исто: дали навистина се враќаат со заштеди?

Стефан Божиновски (27) од Куманово веќе четврта година по ред работи како келнер во популарен хрватски туристички град. Вели дека заработува пристојно, но дека „заштедите се релативна работа“.

„Сите велат дека ќе се вратиш со 5.000 евра, ама никој не кажува дека половина од тие пари ќе ги потрошиш таму. Превоз, храна, сместување, ситни трошоци… Ајде што работиме по 12 часа дневно, ама кога ќе си купиш патики и лаптоп – готово е со заштедата“, искрено вели Стефан.

Во агенциите за посредување со сезонска работа, пак, велат дека интересот е огромен.

Билјана Трајкова од агенција во Скопје открива дека годинава, уште во март, имале над 1.200 пријави за сезонски работни места во странство.

– Најбарани се позиции како аниматори, собарки, бармени и помошници во кујна. Голем дел од клиентите се надеваат дека ќе заштедат барем 3.000 евра, но реалноста често е поинаква. Работат за минимална плата според тамошните стандарди, а трошоците се повисоки од очекуваното – истакнува Трајкова.

Сезонската работа не е без ризици. Некои заминуваат без договор, со ветување „ќе се снајдеш таму“, па на крајот остануваат без пари, без документи и без работна дозвола.

Љупка Димитровиќ од Струга раскажува дека еднаш била измамена.

– Ми ветија сместување и храна во Грција, а кога стигнав, работев по 14 часа, спиев во магацин и немав ни здравствено осигурување. Издржав два месеца и си дојдов со помалку пари отколку што отидов – раскажува таа.

Од друга страна, има и успешни приказни.

Антонио Илиески (32) од Прилеп работел како готвач во Италија и за шест месеци успеал да заштеди 7.000 евра.

– Тајната е да си направиш план и да се држиш до него. Не трошев на глупости, самиот си готвев, не излегував секој ден. И работев многу, ама вредеше – објаснува тој.

Заклучокот е јасен – сезонската работа може да биде можност, но не е златна кокошка. Потребно е внимателно планирање, добро информирање и доза на реализам.

Колку луѓе навистина се враќаат со заштеди? Помалку од што се мисли – но доволно за повторно да се пријават наредната сезона.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП