19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСакаат цени на сајт, а немаат ни Фејсбук страница

Сакаат цени на сајт, а немаат ни Фејсбук страница

Иако од денеска (петок) стапуваат во сила новите законски обврски за објавување на ценовници на интернет, голем дел од малите и средни трговци се жалат дека не се технички подготвени да ги исполнат барањата.

Министерството за економија останува на ставот дека транспарентноста кон потрошувачите мора да се зголеми, но од Стопанската комора на трговци велат дека многумина членови сè уште го чекаат „мајсторот“ за веб-страници.

Новите законски измени бараат сите продавници, аптеки и маркети секојдневно да ги објавуваат своите ценовници на сопствена веб-страница, најдоцна до 10 часот наутро. Дополнително, ако се нуди некој попуст, задолжително мора да се наведе и редовната цена, процентот на намалување и времетраењето на акцијата.

„Имаме искрена намера да се усогласиме со новите правила, но многу од нашите членови се семејни бизниси без ИТ персонал. За да направиш пристојна веб-страница потребно е време, пари, и човек што знае што прави“, брифираат од Комората.

Оттаму објаснуваат дека многу трговци во внатрешноста сè уште не се дигитализирани:

„Имаме случаи каде сопственикот сам води сѐ – од нарачки, преку магацин, до каса. Тешко е да се очекува дека одеднаш ќе стане и веб-администратор“.

Но, дилемите кај трговците остануваат. ИТ-фирмите, пак, се преплавени со повици.

„Имаме зголемен број на барања од продавници што досега немале ни Фејсбук-страница, а сега мораат да направат цел сајт со секојдневно ажурирање на цени. Реално, не можеме сите да ги услужиме во два дена“, вели сопственик на мала дигитална агенција во Куманово.

Според него, многу трговци бараат најосновно решение – веб-страница со табела и PDF прикачување на ценовникот.

„Некои нудат по 50 евра, само да им ‘стои нешто’, за да не добијат казна“, додава тој.

Во меѓувреме, казните се реална закана. Според законот, ако трговец не ги објави цените навреме, или прикаже неточни информации, следуваат парични глоби до 10.000 евра. Единствена олеснителна околност е тоа што ако грешката се поправи во рок од 24 часа, нема да се смета за прекршок.

Трговците велат дека немаат ништо против дигитализацијата, но бараат еден месец дополнително време – за да го најдат мајсторот, да ја платат изработката и да научат како сами да ги ажурираат цените. Во спротивно, како што велат, „ќе имаме сајтови без содржина, а казни со полно покритие“.


Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП