„Bank of America“ ги објави резултатите од првиот квартал кои ги надминаа очекувањата на аналитичарите благодарение на повисоките од очекуваните камати и приходи од тргување, објави „CNBC“.
Добивката на компанијата порасна на 90 центи по акција, наспроти 82 центи по акција во прогнозите на „LSEG“. Нејзините приходи се зголемија на 27,51 милијарди. долари во однос на очекуваните 26,99 милијарди долари.
Придонес за добрите резултати имаа нето-приходите од камати, коишто ја претставуваат разликата помеѓу износот што банката го исплатува на штедачите и износот што го заработува од заеми и инвестиции, а кој порасна на 14,6 милијарди долари во кварталот, надминувајќи ја прогнозата на „StreetAccount“ од 14,56 милијарди долари.
„Bank of America“ соопшти дека нето приходите од камати биле под влијание на пониските трошоци за депозити и инвестициите со повисоки приноси во споредба со претходниот период.
„Нашите деловни клиенти имаат добри резултати, а потрошувачите покажаа издржливост со тоа што продолжија да трошат и одржуваат добар кредитен квалитет“, рече главниот извршен директор Брајан Мојнихан во изјавата.
„Иако се соочуваме со променлива економија напред, веруваме дека дисциплинираните инвестиции што ги направивме за висококвалитетен раст, нашиот разновиден сет на бизниси и континуираниот фокус на тимот на одговорен раст ќе останат извор на сила“, додаде тој.
Банката објави дека приходите од тргување со капитал се зголемиле за 17% до 2,2 милијарди долари, малку надминувајќи ја прогнозата од 2,12 милијарди долари, а приходите од тргување со инструменти со фиксен доход се зголемени за 5% до 3,5 милијарди долари во однос на прогнозата од 3,46 милијарди долари.
Резервите за загуба на заеми, уште еден клучен индикатор што го набљудуваат инвеститорите додека банките очекуваат можна рецесија подоцна оваа година, дојдоа подобро од очекуваното на 1,5 милијарди долари. За споредба, прогнозата на економистите беше за 1,58 милијарди долари.
Акциите на компанијата беа предмет на распродажба во последните недели поради загриженоста дека тарифите на претседателот Доналд Трамп би можеле да предизвикаат рецесија. Тие паднаа за повеќе од 16% од почетокот на годината до понеделник.