Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии насилно ескалира. Белата куќа објави дека Кина сега може да биде погодена со тарифи од дури 245 отсто за извозот во САД како резултат на нејзините „одмазднички мерки“.
Ова е највисоката царинска стапка спомената досега, која беше наведена во документот штотуку објавен, заедно со извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Таа наредба најави истрага за ризиците за националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.
На денешната прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан беше прашан за тарифната стапка од 245 проценти. Тој одговори дека „за конкретни бројки, треба да се контактира американската страна“, објави кинеската државна агенција „Глобал тајмс“.
Откако Доналд Трамп ја презеде функцијата повторно оваа година како претседател на САД, тој го најави „Денот на ослободување на американската економија“ – симболичен почеток на нова фаза на економска конфронтација со остатокот од светот, но пред се со Кина. Во првите недели од неговиот мандат, администрацијата на Трамп започна серија агресивни трговски мерки, тврдејќи дека САД мора да престанат да зависат од „непријателските држави“ во стратешките сектори.
Во март беа воведени основни царини од 10 отсто за целиот увоз од повеќето земји во светот, со дополнителни, таканаречени „реципрочни“ царински стапки за земјите кои, според администрацијата на Трамп, го ограничуваат пристапот до американските стоки. Тие стапки за Кина експлодираа на 145 отсто, а сега, според податоците на Белата куќа, тие можат да се искачат и до 245 отсто, највисоки во историјата на трговските односи меѓу САД и Кина.
Кина веднаш возврати: воведе царини од 125 отсто за американски стоки, го ограничи увозот на земјоделски производи и воведе контрола на извозот на ретки метали како што се диспрозиум и тербиум, клучни за производство на електрични возила и млазни мотори.
Трамп, исто така, започна истраги за националната безбедност за увоз на критични суровини, го забрани увозот на некои кинески технологии и сега се заканува со дополнителни мерки против сите земји кои се обидуваат да бидат „бајпас канал“ за Кина на американскиот пазар, како што е Виетнам, кој веќе е под закана од тарифи од 46 отсто.
И покрај силниот удар, Кина досега одржуваше пркосен став. Пекинг се обидува да се преориентира кон земјите од Југоисточна Азија, каде што кинеските фабрики отвораат погони и продаваат стоки под други етикети. Во исто време, Кси Џинпинг започна дипломатска офанзива низ регионот, убедувајќи ги клучните трговски партнери дека Кина, а не САД, е сигурен економски сојузник.
Политиките на Трамп, иако меѓу неговите гласачи беа пофалени како „браните на американските работни места“, исто така предизвикаа сериозни потреси во САД, од зголемени цени на увезените стоки до нарушувања на финансиските пазари и несогласувања во американскиот бизнис сектор.
Трговската војна меѓу САД и Кина сега се води на повеќе нивоа – тарифи, технологија, суровини, валути и дипломатија. Има се помалку знаци дека наскоро може да престане.